САД денеска ќе ја вратат првата група мигранти кои бараат азил во САД, во мексиканскиот пограничен град Тихуана, изјави синоќа портпаролот на мексиканскиот претседател Мануел Лопес Обрадор.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп на 20 декември соопшти дека ќе ги праќа немексиканските мигранти, кои ќе ја преминат американската јужна граница, назад во Мексико каде ќе чекаат додека се решава нивното барање за добивање азил во САД.
Портпаролот на мексиканскиот претседател не рече од која националност се мигрантите кои ќе бидат вратени во Мексико, но целта на таа политика е справување со се поголемиот број луѓе од Централна Америка кои бараат азил во САД бегајќи од сиромаштијата во своите земји.
Двете земји одржаа два состаноци за да ги разработат деталите од планот за враќање на мигрантите кои бараат американски азил преку границата во Мексико. Се уште не е јасно како Мексико планира да смести можеби илјадници мигранти со месеци или години, колку што на американските миграциски власти ќе им биде потребно да одлучат за нивните барања.
Повеќе од 800.000 предмети се уште чекаат решение.