САД почнаа да ги повлекуваат војниците од Авганистан, како дел од мировниот договор со талибанците. Вашингтон се согласи да ги намали своите сили од околу 12.000 на 8.600 припадници за 135 дена од потпишувањето на договорот.
Повлекувањето беше услов за договорот меѓу САД и талибанците, потпишан на 29 февруари. Авганистанската влада не учествуваше во потпишувањето на договорот, но се очекува да разговара со талибанците. Претседателот на Авганистан, Ашраф Гани, првично изјави дека нема да се придржува кон договорот и да ослободи талибански затвореници, како предуслов за директни преговори. Сепак, претседателот се очекува неделава да дозволи ослободување на најмалку 1.000 талибански затвореници, пренесува Би-би-си.
САД и нивните сојузници на НАТО се согласија да ги повлечат сите сили за 14 месеци ако талибанците го почитуваат договорот. Тие се согласија да се воздржат од напади и да не дозволат Ал каеда или други терористички групи да дејствуваат од териториите под нивна контрола. САД ги соборија талибанците по нападите на Ал каеда на 11 септември 2001 година, но тие се регрупираа и до 2018 година извршуваа напади на поголем дел од територијата на Авганистан. За време на војната во Авганистан беа убиени над 2.400 војници на САД.