САД денеска поднесоа тужба против Русија во Светската трговска организација, поради руските мерки за воведување давачки на разни американски производи.
САД го отпочнаа трговскиот спор со воведување на давачки за увозот на челик и алуминиум од 25 и 10 проценти, од кои потоа изземаа држави кои беа подготвени да соработуваат со САД во надворешно-политички и трговски прашања.
Голем број држави возвратија на американските давачки, па така Русија воведе давачки од 25 до 40 проценти за увоз на американска патна механизација, опрема за нафтената и гасната индустрија, оптички кабли и други производи.
Американските претставници во СТО поднесоа жалба на руската контра-мерка, велејќи дека таа е спротивна на одредбите на Светската трговска организација затоа што се однесува исклучиво на САД, а не на сите руски трговски партнери, како и поради високите царински стапки.
Двете земји можат да го разрешат спорот во рок од 60 дена, а доколку не го сторат тоа, СТО ќе формира комисија.