САД и Русија останаа главни извозници во 2014-2019 година, иако обемот на продажба на оружје од Русија се намали во однос на 2010-2014 година, покажува извештајот на Меѓународниот институт за истражување на мирот во Стокхолм (СИПРИ), пренесува ТАСС.
Во новиот извештај за состојбата со трговијата со оружје се забележува дека во 2015-2019 година обемот на трговијата се зголемил за 5,5 отсто споредено со претходниот петгодишен период (2010-2014).
„Помеѓу 2010-14 и 2015-19 година, извозот на оружје од САД порасна за 23 отсто, зголемувајќи го неговиот удел во вкупниот глобален извоз на оружје на 36 отсто. Во 2015-19 година вкупниот извоз на оружје од САД беше за 76 отсто поголем од извозот на вториот најголем извозник на оружје во светот, Русија. Оружјето од САД отиде во вкупно 96 земји“, се вели во извештајот.
– Половина од американскиот извоз на оружје во изминатите пет години отиде на Блискиот Исток, а половина од него заврши во Саудиска Арабија. Во исто време се зголеми побарувачката за напредните воени авиони на САД, особено во Европа, Австралија, Јапонија и Тајван – вели Питер Д. Везман, виш истражувач во СИПРИ.
Уделот на воениот извоз на Русија во изминатите 5 години изнесуваше 21 отсто од глобалниот обем, што е за 6 отсто помалку од периодот 2010-2014 година. Снабдувањето со руско оружје на Индија, главниот партнер на Русија во областа на трговијата со оружје, значително се намали – за 47 отсто во однос на претходниот период 2010-2014 година.