Претседателот на САД Доналд Трамп вети дека ќе го признае израелскиот суверентитет над територијата со името Голанска Висорамнина. Германскиот медиумски сервис Дојче веле направи анализа во однос на тоа зошто оваа територија е важна и кои се интересите на сите земји вклучени во спорот.
Кој ја контролира територијата?
Во 1967 година, територијата Голан или Голанската Висорамнина беше анектирана од страна Израел. Претходно, територијата беше под власт на Сирија. Анексијата во 1981 година не беше меѓународно признаена и Безбедносниот совет на ОН одлучи дека територијата не му припаѓа на Израел, па започнаа да се подготвуваат преговори со Сирија за нејзино припојување со оваа земја.
Сирија не успеа да преземе контрола врз Голан во 1973 година, за време на арапско-израелската војна, која заврши во 1974 година. По примирјето, беа поставени набљудувачи и сили на ОН меѓу териториите и страните на двете земји.
Денес, Сирија бара враќање на цела или на дел од територијата, во замена за идни мировни договори со Израел. Израел и Сирија спроведоа неколку индиректни и директни преговори за висорамнината, но не успеаја да најдат заеднички јазик и договор.
Кој живее таму?
Во Голанската Висорамнина живеат околку 40 илјади луѓе. Половина од нив се Евреи кои се доселеници, а остатокот се различни арапски езотерични етнорелигиски групи како Друзите и Алавитите. Поголем дел од нив се сметаат себеси за Сиријци. Алавитите се гранка на шиитскиот дел од исламот, а токму претседателот на Сирија Башар ал Асад и поголем дел од неговите соработници во владата се Алавити.
Зошто Голан е стратешки важна територија?
Голанската висорамнина е брдеста територија која се простира на 1.200 квадратни километри и од неа се гледаат Либан, Сирија и јорданската долина.
Голан е на само 60 километри од Дамаск и му овозможува на Израел силна дефанзивно-офанзивна позиција и добра можност за надгледување на движења на армијата преку границата. Од друга страна, доколку Сирија ја контролира територијата, исто така, ќе има добра стратешка позиција и можност да го надгледува Израел.
Безбедносната важност на Голанската Висорамнина е зголемена со граѓанската војна во Сирија, поради која Иран со своите либански сојузници, шиитската Хезболах кои стратешки се позиционираа на портите на Израел, преку поддршката од Асад. Израел вели дека Иран и Хезболах претставуваат закана и дека Голан е безбедносна бариера за нивната земја.
Какви ресурси има Голан?
Уште еден голем интерес во Голанската Висорамнина е водата, која е редок ресурс во овој сушен регион. Голанскиот слив се влева во реката Јордан и езерото Тиберија, два главни извори на вода за Израел. Плодната почва може да се користи за земјоделие, а постои можност за садење на винова лоза и оранжерии. Дополнително, на територијата се наоѓа и единствениот израелски скијачки центар.
Кои се меѓународните последици од признавање на Голан како израелска територија?
Според Дојче веле, освен безбедноста и изворот на вода, постојат други димензии во изјавата на претседателот Доналд Трамп дека САД треба да го признае регионот како дел од Изреал.
– Признавањето отвора прашања во врска со почитувањето на меѓународното право при заземањето територија во време на војна. Русија, на пример, би можела да ја забележи недоследноста во овој случај по петгодишната осуда на западните земји, по анексијата на Крим од Украина во 2014 година – констатираат од Дојче веле.
Резолуциите 242 и 497 на Безбедносниот совет на ОН кои се поддржани од САД, обезбедуваат правна основа која наведува дека едностраната анексија на територија го прекршува меѓународното право.