Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, е на турнеја во Унгарија, Полска и во Словачка, за да се осигури дека земјите од истокот на Европа се „свртени“ кон Западот. Така е претставена турнејата на шефот на американската дипломатија, кој според медиумите има за цел да го одбие влијанието на Русија и на Кина во источноевропските земји, и тоа во различни области, како што се енергетиката и технологијата, пишува магазинот „Политико“.
Властите кои го дочекуваат Помпео, иако се соочуваат со домашни и со странски обвинувања дека ги прекршуваат демократските принципи и владеењето на правото, се очекува да добијат одобрување на нивната политика од Вашингтон.
За Помпео да го избегне понатамошното отуѓување на западноевропските сојузници кои се фрустрирани и збунети од надворешната политика на владата на Трамп, ќе мора да постигне рамнотежа меѓу пофалбите за домаќините и справувањето со загриженоста на нивните критичари.
Ова се привите видливи резултати од промената на надворешната политика на САД под претседателство на Доналд Трамп, кој често го критикуваше унгарскиот премиер Виктор Орбан и тоа неколку години едноподруго, за „ерозијата“ на демократијата во земјата.
И Будимпешта и Варшава се предмет на дисциплински постапки во ЕУ, а обвинети се за ставање на ризик на основните вредности на блокот, додека репутацијата на Братислава е сериозно оштетена поради убиството на новинарот кој истражуваше поврзаност на политичари од високиот врв на власта со мафијата во Словачка.
Поддршка за Орбан
Помпео, кој е првиот државен секретар на САД што ја посетува Унгарија уште од 2011 година, предупреди за опасностите кои ги носи влегувањето во „руската орбита“, и ја повика земјата да превенира создавање на „мост“ кој би ја оставил Будимпешта во економски и политички долг спрема Кина. Тој дополни дека САД ќе се борат за позитивно влијание во земјите во Источна Европа.
– Не смееме да му дозволиме на Путин да ги „скара“ пријателите во НАТО – рече Помпео за медиумите пред вечерашната вечера со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан. Тој додаде дека Унгарците многу добро знаат од својата историја дека авторитарна Русија никогаш нема да биде пријател на слободата и суверенитетот на помалите држави.
Реномираната американска агенција „Блумберг“ констатира дека Орбан ја гледа Москва повеќе како еконосмски партнер, отколку како закана за безбедноста, за разлика од многу други земји од регионот. Унгарскиот лидер, кој стана предводник на националистичките влади во Европа и редовно се среќава со Владимир Путин, вети дека ќе ги продлабочи односите со Пекинг и со Москва, додека се обидува да го задржи местото на својата земја во Европската Унија и во НАТО.
– Унгарија сè уште е доверлив сојузник на САД – изјави министерот за надворешни работи на Унгарија Петер Сијарто.
За да ја поткрепи својата изјава, Сијарто го прочита билатералниот договор за одбрана кој е приоритет за САД, а Унгарија го одложи потпишувањето и потврди дека ќе биде испратен во Парламентот за ревизија. Тој, исто така, истакна дека Унгарија е во преговори за купување на систем за воздушна одбрана од среден дострел од произведувач во САД.
За време на овие години, Унгарија се сврте кон Русија, склучувајќи договор за нуклеарна централа од 12 милијарди долари. Орбан исто така беше гласен критичар на економските санкции врз владата на Путин и ги блокираше преговорите на Украина со НАТО поради наводниот лош третман на етиничките Унгарци во Украина. П.С.