Инспектори на Организацијата за забрана на хемиско оружје (ОПЦВ) го посетија денеска сирискиот град Дума, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
– Очекуваме инспекторите непристрасно да ги истражат сите околности за настаните во Дума и да изработат објективен извештај. Нивната безбедност сега е гарантирана не само од сириската страна, туку и од командата на рускиот контингент во Сирија – се наведува во соопштението на руската дипломатија.
Заминувањето на специјалниот тим на ОПЦВ неколку денови беше одложувано, а во денешното соопштение портпаролката на руското МНР, Марија Захарова потврди дека инспекторите заминаа во Дума и ги оцени одложувањата како „неприфатливи“.
Дума е сириски град под контрола на бунтовниците, каде на 7 април наводно беше извршен хемиски напад врз цивили, во кој загинаа најмалку 40 луѓе, по што САД, Велика Британија и Франција, обвинувајќи ја сириската Влада за нападот, извршија заеднички воздушни удари врз Сирија.