Руската државна телевизија објави листа на американски воени објекти што ќе бидат цел на Москва во случај на нуклеарен напад и наведе дека суперсоничната ракетата што ја развива Русија ќе може да ги погоди за помалку од пет минути.
Меѓу целите се Пентагон и претседателската резиденција во Камп Дејвид во Мериленд.
Овој извештај, необичен за руската државна телевизија, беше емитуван синоќа, неколку дена откако претседателот Владимир Путин рече дека Москва е воено подготвена за криза слична на кубанската ракетна криза, ако САД го сакаат тоа, пренесува Хина.
– Иако во говорот за состојбата на нацијата во Парламентот минатата недела рече дека Москва е подготвена на реципрочен одговор на хипотетичко американско распоредување на проектили од среден и краток дострел во Источна Европа, Путин не наведе ниту една географска локација кон која би можеле да бидат насочени руските ракети, изјави денеска неговиот портпарол Дмитриј Песков. Тој беше замолен да ја коментира емисијата Вести на неделата на телевизиската станица Росија-1, во која новинарите шпекулираа за можни цели на територијата на САД.
Во синоќешната емисија, водителот Дмитриј Кисељов покажа географска карта на САД и наведе неколку цели за кои рече дека Москва би сакала да ги погоди во случај на нуклеарна војна. Меѓу целите се и Форт Ричи, центар за воена обука во Мерлинед, затворен во 1998 година, една американска воздухопловна база во Калифорнија, затворена во 2001 година и Џим Крик, морнаричка комуникациска база во државата Вашингтон.