Русија ќе ја снабди Сирија со ракетниот систем за воздушна одбрана „с-300“, како дел од мерките по уривањето на нејзиниот шпионски авион во близина на Латакија минатата недела, пренесува рускиот весник „Комерсант“.
Потврда дека Сирија ќе го чува воздушниот простор со ракетите „с-300“ дал рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, најавувајќи го распоредувањето на оружјето во следните две недели. Рускиот претседател Владимир Путин, исто така, му кажал на сирискиот лидер Башар ал-Асад, во телефонски разговор, оти Москва ќе ја засили воздушната одбрана на Сирија, соопшти кабинетот на сирискиот претседател.
Извештајот цитира и висок функционер од руското Министерство за одбрана кој го најавил распоредувањето на ракетниот систем во Сирија со цел да ги попречи израелските воздушни сили. Гласноговорникот на Кремљ, Дмитриј Песков, истакна дека ракетниот систем треба да ја засили безбедноста на руските трупи во Сирија. Покрај вооружувањето на Сирија, Русија ќе ги блокира и радарите на воените авиони кои извршуваат напади од брегот на Средоземното Море. Русија ќе испорача и современи системи за контрола на командните пунктови на противоздушната одбрана.
Москва го планираше распоредувањето на ракетниот систем во Сирија уште во април, по воздушните напади на САД, Велика Британија и на Франција.
Израел ги негираше обвинувањата оти неговите воени сили се виновни за соборувањето на рускиот авион кое се случи минатата недела.