Анкара и Москва постигнаа договор за корекција во цената на дистрибуираниот руски гас за 2015 и 2016 година, со што Русија на Турција ќе и врати една милијарда долари, соопшти денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Говорејќи на предизборен митинг на неговата владејачка Партија на правдата и развојот (АКП) во градот Ерзурум во источна Турција, Ердоган изјави дека Турција во 2015 година побарала од Русија да и одобри корекција на цената на рускиот гас, но бидејќи Москва го одбила таквото барање, Анкара иницирала меѓународна арбитража.
– По долги разговори беше постигнат договор за корекција на цената од 10,25 проценти за гасот дистрибуиран во текот на 2015 и 2016 година. Разликата во платената сума за тие две години, која изнесува една милијарда долари, ќе и биде вратена на Турција, нагласи Ердоган.
Тој уште ги повика Турците да ги претворат своите заштеди во девизи во турски лири, со што би ја поддржале националната валута, чија вредност од почетокот на годината се намали за 20 отсто во однос на американскиот долар.
– Браќа мои, вие кои имате долари или евра под перниците, отидете во банките и заменете ги за лири, нагласи Ердоган во обраќањето на митингот во пресрет на предвремените претседателски и парламентарни избори закажани за 24 јуни.