Русија е длабоко разочарана од одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ги повлече САД од иранскиот нуклеарен договор, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
– Длабоко сме разочарани од одлуката на американскиот претседател за еднострано повлекување од договорот и враќање на американските санкции кон Иран. Исклучително сме загрижени дека САД уште еднаш дејствуваат против мислењето на повеќето земји и грубо ги погазија нормите на меѓународното право, се наведува во соопштението.
Според Москва, оваа одлука на Трамп претставува уште еден доказ дека Вашингтон е неспособен да преговара, а американските критики за законската нуклеарна активност на Иран служат само за порамнување на политички сметки со Техеран.
– Нема и не може да има никаква причина да се поткопа договорот, кој се покажал ефикасен. Иран строго ги почитува своите обврски и тоа редовно се потврдува од Меѓународната агенција за атомска енергија, а САД ја уриваат меѓународното доверба во таа организација, оцени руското Министерство.
Во соопштението се додава дека Русија е подготвена за понатамошна соработка со другите земји во иранскиот нуклеарен договор (Кина, Франција, Велика Британија и Германија) и дека ќе продолжи активно да ја развива билатералната соработка и политичкиот дијалог со Иран.
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа соопшти дека САД се повлекуваат од Договорот за иранската нуклеарна програма и најави возобновување на санкциите кон Иран, кои беа укинати согласно документот.
Трамп нагласи дека санциите што ќе бидат воведени кон Иран ќе бидат од „највисок степен“, додавајќи дека со казнени мерки би можеле да бидат опфатени и други држави.
Договорот за иранската нуклеарна програма во 2015 година го потпишаа Иран и петте постојани земји членки на Советот за безбедност на ОН – Велика Британија, Кина, Русија, САД и Франција плус Германија. Со Договорот, официјално наречен Заеднички сеопфатен акциски план, Иран се согласи на ограничување на својата нуклеарна програма во замена за укинување на меѓународните санкции кон земјата.