Русија протера 20 чешки дипломати, како одговор на Прага која претходно протера 18 руски дипломати.
Чешките власти тврдат дека двајца наводни руски шпиони, обвинети за труењето со новичок на Сергеј Скрипал и неговата ќерка во 2018 година во Велика Британија, се вмешани во експлозијата во Врбетице во 2014 година, при што загинаа две лица.
Истрагата, наводно, утврдила поврзаност на руските разузнавачки служби со експлозијата во Врбетице. Чешкиот министер за внатрешни работи, Јан Хамачек, изјави дека двата руски разузнавачи Александар Петров и Руслан Боширов, кои Велика Британија ги бара поради труење на Скрипал и неговата ќерка, се осомничени и за експлозијата во чешкиот град.
Русија обвинувањата на Прага ги оцени како апсурдни, наведувајќи дека првично за експлозијата во Врбетице беше обвинет сопственикот на магацинот. Според Москва, протерувањето на руските дипломати е продолжување на низата акции против Русија што Чешка ги презема во изминатите години.