Рускиот претседател Владимир Путин има уште пет години од тековниот мандат, но веќе мора да размислува за наредните чекори, бидејќи промените помеѓу руските лидери ретко поминуваат глатко. Токму затоа, Путин бара начини да го осигури неговото влијание преку зацврстување на сојузништвото со соседна Белорусија, а промената на таксите за нафтата отвора прилика за реализација на ваквото сценарио, пренесува Блумберг.
Рускиот устав дозволува два последователни мандати на претседателот. Во 2008 година, Путин му ја препушти претседателската функција на неговиот близок сојузник Димитриј Медведев, но не му годеше да биде „втора виолина“. Препуштањето на функцијата би претставувало поголем ризик денес, додека заминувањето во политичка пензија би била уште пострашна опција.
Ваквата ситуација ја претставува соработката со Белорусија уште попримамлива. Претходникот на Путин, Борис Јелцин, и белорускиот лидер Александар Лукашенко, потпишаа договор за сојузништво во 1997 година. Верзијата на документот од 1999 година опишува своевидна федерација помеѓу двете држави, со единствена валута, знаме и обележја, со заеднички пазар за трговија и судска власт. Лукашенко раководи со заедничкиот државен совет од 2000 година, но ова тело нема значителна моќ бидејќи спогодбата не е потполно функционална.
Русија досега беше рамнодушна кон поблиско сојузништво со економски слабата Белорусија, но унификацијата е политички атрактивна за Путин, бидејќи би можел да преземе контрола врз заедничкиот државен совет во 2024 година, без да го менува уставот.
Путин има можност да го зголеми притисокот врз Лукашенко, бидејќи Белорусија би можела да претрпи загуби од милијарди долари со руските даночни реформи кои моментно се актуелни. Според предвидените реформи, руската нафта би била одданочена исто и на домашниот пазар и во странство. Ова значи дека Белорусија, која сега ја купува руската нафта без данок, би плаќала повеќе.
Лукашенко побара Русија да ги надомести белоруските загуби, но руските власти порачаа оти можната компензација е поврзана со подлабока интеграција на спогодбата помеѓу двете држави од 1999 година. Путин, наводно, не успеал да го убеди Лукашенко за создавање на посилна унија помеѓу двете држави, во текот на двата состаноци во декември минатата година, па се очекува рускиот притисок врз белорускиот лидер да се засили, доколку Путин не изнајде поинакво решение за неговите политички проблеми, се наведува во анализата на Блумберг.