Додека Германија излегуваше од карантин во мај, полициските командоси беа испратени на рурален имот во сопствеништво на наредник-мајор во специјалните сили, најподготвената и најтајновита воена единица, пренесува „Њујорк тајмс“.
Прекарот на наредникот мајор гласеше „мала овца“. Тој беше осомничен дека е поддржувач на неонацизмот. Полицијата пронајде два килограма пластичен експлозив закопан во неговата градина, како и детонатор, калашников, придушувач, два ножа, стрелачки лак и муниција, за кои се веруваше дека се украдени од германската војска.
Беше пронајдена и есесовска песнарка, 14 изданија на магазин за поранешни членови на единицата „СС“ и други предмети со нацистички симболи.
– Тој имал план. И не бил единствениот – истакна германската пратеничка Ева Хегл.
Германија има проблем. Со години, политичарите и водечките лица од безбедносните служби ја отфрлаа помислата за инфилтрираност на екстремните десничари во безбедносните служби, говорејќи единствено за „индивидуални случаи“. Идејата за развиени мрежи беше отфрлена. Надредените на разоткриените екстремисти беа заштитени. Оружјето и муницијата исчезнуваа од воените залихи без да се спроведе истрага.
Владата сега се буди. Случаите на екстремистите во војската и во полицијата, меѓу кои некои трупаа оружје и експлозиви, се зголемија со загрижувачка стапка. Водечките разузнавачи и луѓето од воениот врв се организираат за справување со проблемот кој стана премногу опасен за да биде игнориран.
Проблемот беше продлабочен со подемот на партијата Алтернатива за Германија (АФД) која ја легитимизираше екстремната десничарска идеологија, користејќи го пристигнувањето на милионите мигранти во 2015 година, а од неодамна и на пандемијата, за да го поттикне чувството на неизбежна криза.
Најзагрижувачки за властите е што се чини дека екстремистите се концентрирани во воената единица која требаше да биде најелитна и посветена на германската држава – специјалните сили, познати како КСК.
Германската министерка за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер презема драстични мерки расформирајќи огранок на КСК за кој се смета дека бил исполнет со екстремисти. Приведениот наредникот-мајор бил член на овој огранок. Згора, од КСК исчезнале 48 илјади шаржери на муниција и 62 килограми експлозив, според министерката.
Германската воена контраразузнавачка агенција сега истражува повеќе од 600 војници осомничени за екстремизам, во рамките на армијата која има 184 илјади припадници. Околу 20 од нив се од КСК.
Но германските власти се загрижени дека проблемот можеби е од поголем обем и оти екстремистите навлегле и во други безбедносни институции. Во изминатите 13 месеци десничарските терористи извршија атентат на политичар, нападнаа синагога и застрелаа девет мигранти.
Дел од германските медиуми ги нарекува екстремистите „армија на сенки“, правејќи паралела помеѓу 20-те години на минатиот век, кога ќелии во армијата трупаа оружје и коваа заговори за уривање на демократијата.