Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија е мирна земја, одговарајќи на прашањето дали ќе ја нападне Украина.
– Ова е провокативно прашање. Русија бара мир кога е во прашање меѓународната политика, но има право да ја осигури својата безбедност, како што реков, на краток и долг рок. Сега разговараме со нашите меѓународни партнери на оваа тема, вклучувајќи го и мојот вчерашен соговорник Бајден, претседател на САД – рече Путин на прес-конференција по разговорот со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, пренесе „Интерфакс“.
Рускиот лидер додаде дека секоја земја има право да го избере најприфатливиот пат за својата безбедност.
Министерството за надворешни работи на Русија денеска ѝ предаде протестна нота на американската амбасада во Москва, со предупредување за опасните последици од провокациите во близина на руските граници, изјави портпаролката на МНР Марија Захарова.
– Американската армија и нејзините сојузници во НАТО преминаа од обиди за тестирање на системот за заштита на нашите граници кон провокации против цивилни авиони, загрозувајќи ја безбедноста на воздушниот простор и човечките животи – рече Захарова.
Во врска со овие провокативни дејствија, на амбасадата на САД во Москва денеска и беше врачена протестна нота со предупредување на опасните последици од ваквата непромисленост, рече Захарова во изјавата објавена на веб-страницата на руското Министерство за надворешни работи, пренесува „ТАСС“.
На 3 декември, над Црното Море, воен авион на НАТО се приближи до патничкиот авион Ербас А330, кој летал од Тел Авив за Москва.
„Росавијација“ објави дека авионот на НАТО летал со интензивно намалување на висината, поради што ја прекинал рутата наменета за цивилни авиони.