Рускиот претседател Владимир Путин откри дека имал три и полчасовна средба со претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, во Москва. Како што наведе, за време на разговорите се зборувало за воспоставување заеднички одбранбен простор меѓу двете земји.
– Разговаравме за воспоставување заеднички одбранбен простор и безбедност долж границите – рече Путин на прес-конференција, пренесува ТАСС.
Според „Ројтерс“, тој исто така изјавил дека е разумно Русија и Белорусија да одржуваат масовни воени вежби во близина на западните граници, имајќи предвид дека НАТО собира војници во тој регион. Тој додаде дека се согласил со Лукашенко двете земји да формираат унифициран пазар за гас и нафтени производи и дека цените на гасот ќе останат на сегашното ниво следната година.
Рускиот претседател рече дека за време на разговорите со Лукашенко биле договорени сите програми за понатамошно продлабочување на интегративните процеси на двете земји.
– Ова се 28 таканаречени федерални програми насочени кон обединување на законодавството на Русија и Белорусија во различни области на економијата, изедначување на условите за работа на економските субјекти од двете земји, градење заеднички финансиски и енергетски пазари, транспортен простор, формирање и спроведување заедничка индустриска и земјоделска политика – објасни рускиот лидер.
Претседателот на Русија не ја отфрли можноста за создавање на федерален парламент на Русија и Белорусија во иднина, но додаде дека за тоа се уште не е разговарано.