Одлуката на Претставничкиот дом на Конгресот за отповикување на претседателот Трамп ја коментираше и неговиот руски колега Владимир Путин, кој денеска ја одржува својата голема годишна прес-конференција.
Путин оцени дека Сенатот, кој го контролираат републиканците, најверојатно нема да го разреши Трамп во „напумпаното обвинение што доаѓа по еднакво напумпаниот и пропаднат скандал со Русија“. Тој ги нарече обвинувањата „измислици“.
-Демократите кои ги загубија изборите, сега се обидуваат да дојдат до резултат на поинаков начин. Прво, тие изнесоа обвиненија поврзани со Москва, а кога тоа не се потврди, тогаш најдоа друга причина – Украина – заклучи Путин.
Ако тие навистина сакаат да ѝ помогнат на Украина, би можеле да им дадат пари, додаде рускиот претседател, алудирајќи на пакетот од 400 милиони долари американска воена помош за Украина што Трамп го блокираше, но на крајот беше испратен под притисок од Конгресот.
Русија беше предмет на двегодишната истрага на специјалниот американски обвинител Роберт Мулер, кој на крајот не пронајде докази дека изборниот штаб на Трамп соработувал со Русија во 2016, во операција за влијание врз изборите во полза на Трамп, а на штета на Хилари Клинтон.
Импичментот на Трамп беше изгласан по две обвиненија – за злоупотреба на службената должност и опструирање на Конгресот.
Претставничкиот дом обвини дека Трамп ја злоупотребил својата канцеларија вршејќи притисок врз Украина да ги испита неговите политички ривали, поточно Џо Бајден, пред изборите во 2020 година, притоа задржувајќи го состанокот во Белата куќа и 400 милиони долари помош за Киев. Оценето е и дека Трамп потоа ја опструирал истрагата за неговото несоодветно однесување.