Шефот на Белата куќа, Доналд Трамп, дополнително ја разгоре контроверзијата, истакнувајќи дека „воопшто не е важно“ дали Сулејмани претставувал непосредна закана за американските војници и интереси во регионот на Блискиот Исток

Шефот на американската дипломатија Мајк Помпео порача дека убиството на иранскиот генерал Касем Сулејмани е дел од пошироката стратегија за одвраќање на непријателите на САД, која се однесува и на Кина и на Русија. Со неговата изјава дополнително се доведува во прашање ставот на Вашингтон дека Сулејмани е ликвидиран бидејќи планирал напади на американски цели, наведува „Гардијан“.

Во својот говор на универзитетот „Стенфорд“, Помпео воопшто не ја спомнал непосредната закана од напади планирани од Сулејмани. Дури откако му било поставено прашање од присутната публика, Помпео ја повторил својата претходна процена дека ликвидацијата на вториот човек на Иран имала цел да се спречат такви напади. Неговиот говор се фокусирал на новата стратегија на администрацијата на Трамп за воспоставување „вистинско одвраќање“ против Иран, по претходните политики на републиканците и демократите што всушност ги охрабриле злонамерните активности на Техеран. Демократски и републикански конгресмени претходно го доведоа во прашање објаснувањето на администрацијата дека станува збор за самоодбрана и спречување идни напади. Претседателот Трамп, пак, порача дека помеѓу потенцијалните цели биле четири американски амбасади. Шефот на Белата куќа завчера дополнително ја разгоре контроверзијата, истакнувајќи дека „воопшто не е важно“ дали Сулејмани претставувал непосредна закана.

Помпео порача дека зад убиството на Сулејмани стои поголема стратегија.
– Америка сега ужива во најголемата позиција на сила во однос на Иран. Важноста на одвраќањето не е ограничена на Иран. Во сите случаи мораме да ги одвратиме непријателите за да ја одбраниме слободата. Целата поента на работењето на Трамп е да ја направи нашата војска најсилна досега – истакна американскиот државен секретар.

Тој укажа на продолжувањето на воената помош за Украина за одбрана против проруските бунтовници, повлекувањето на Трамп од договорот за контрола на оружјето со Русија и тестирањето нови американски крстосувачки проектили со среден дострел. Помпео исто така ги посочи и интензивираните американски поморски маневри во Јужно Кинеско Море како одговор на кинеската милитаризација на спорните острови и одлуката на Трамп за воведување царини за кинеските производи, истакнувајќи дека сите овие постапки се дел од стратегијата за одвраќање.

– Повторно го враќаме кредибилитетот на одвраќањето – додаде Помпео.
Неговите коментари следуваат откако канадскиот премиер Џастин Трудо порача дека жртвите од соборениот украински авион сѐ уште би биле живи доколку не беше неодамнешната ескалација на тензиите, делумно поттикната од САД.
– Да не беа тензиите, да немаше ескалација неодамна во регионот, тие Канаѓани сега ќе беа дома со своите семејства. Меѓународната заедница беше многу јасна за тоа дека Иран не треба да биде нуклеарен, но исто и за менаџирањето на тензиите во регионот, кои делумно беа предизвикани од американските постапки – истакна Трудо во интервјуто за Глобал телевижн.

Тензиите помеѓу Техеран и Вашингтон ескалираа откако иранскиот генерал Сулејмани беше убиен со проектил од американски дрон во близината на аеродромот во Багдад. Иран одговори со серија ракетни напади врз две американски бази во Ирак, при што немаше жртви. Неколку часа подоцна, иранската Револуционерна гарда по грешка собори украински патнички авион, при што загинаа 176 лица. Иранските власти вчера уапсија неколку лица поради соборувањето на патничкиот авион.


Неизвесна судбината на иранскиот нуклеарен договор

Европските сили упатија остри критики до Иран, откако земјата неодамна се откажа од дел од обврските од нуклеарниот договор што Техеран го постигна со меѓународната заедница. Иран ги суспендира сите ограничување на неговото производство на збогатен ураниум, кој може да се користи за гориво за реакторите, но и за нуклеарно оружје. Техеран го оправда таквиот чекор укажувајќи на санкциите што беа воведени од САД, кои се повлекоа од договорот во 2018 година.
Франција, Германија и Британија порачаа дека не го прифаќаат иранското оправдување. Тие соопштија дека иранската одлука од 5 јануари за суспендирање на последната клучна обврска за збогатувањето ураниум не остава друг избор освен да се активира т.н. механизам за решавање спорови, кој е дел од иранскиот нуклеарен дијалог.