Еден турски војник е убиен и петмина се повредени во сирискиот регион Рас Ал Аин по ракетен и минофрлачки напад на курдските милиции, соопшти денеска турското Министерство за одбрана.
Турската армија одговори на нападот, се додава во соопштението чија содржина ја пренесува агенцијата „Ројтерс“.
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, вчера изјави дека Турција ќе ги протера курдските милиции од североисточна Сирија, доколку Русија не ги исполни своите обврски според договорот кој помогна да се стави крај на турската офанзива во регионот.
Според договорот, постигнат од Ердоган и рускиот претседател Владимир Путин, руската воена полиција и сириските гранични сили треба да ги протераат курдските борци од просторот од 30-километри од границата за време од шест дена кои истекуваат во вторник.