Расте бројот на жртви од поплавите во Њујорк и Њу Џерси. Најмалку 23 лица загинаа, а стотици беа евакуирани од метрото.
Областа на Њујорк утрово беше поплавена, откако рекордниот дожд што падна предизвикан од ураганот „Ида“ остави зад себе смрт и материјална штета во неколку американски федерални држави.
Повеќе од 200.000 домови во Њујорк, Њу Џерси и Пенсилванија останаа без електрична енергија, а вонредна состојба беше прогласена во целиот регион. Стотици летови беа откажани на аеродромите.
Итните служби имаа полни раце работа за да ги спасат луѓето заглавени од поплавените куќи и покривите на автомобилите.
Поплавата што го погоди Њујорк и околината ги собори рекордите поставени од тропската бура „Хенри“ пред само 11 дена.
Метеоролозите најавуваат дека честите силни бури ќе бидат нова нормалност – потоплиот воздух задржува повеќе вода и овозможува бурите да соберат сила побрзо и да станат поголеми.