Јужноамериканската држава имаше тројца претседатели во рок од една недела
Одговорот на прашањето кој е претседател на Перу стана нејасен откако јужноамериканската држава имаше тројца вршители на функцијата во рок од една недела. Поради ваквата состојба стана јасно дека се потребни промени во системот, пишува „Вашингтон пост“.
На 9 ноември Мартин Вискара беше отстранет од функцијата откако гласањето за негов импичмент го прогласи за виновен за „морална неспособност“. Тој беше наследен од Мануел Мерино, дотогаш првиот човек на перуанскиот Конгрес, со кого имаа судир во однос на реформите.
Смената резултираше со незадоволство и народот излезе на улиците на најголемите протести во изминатите неколку децении. Откако двајца демонстранти беа убиени на протестите, Мерино објави дека ќе поднесе оставка. Беше претседател само пет дена. А потоа Конгресот на Перу објави ново име за пополнување на претседателската функција – Франциско Сагасти.
Тој беше релативно непознат политичар, признаен повеќе по академските достигнувања, отколку во политиката. Но беше компромисен избор бидејќи одби да ја поддржи процедурата за импичмент против Вискара. Тој ќе ја извршува должноста до претседателските избори закажани за април в година.
Но, како што ја прифати номинацијата во вторникот, станувајќи третиот перуански лидер во рок од една недела, тој ја нагласи задачата што му претстои нему, како и на државата.
– Ова не е момент за славење. Имаме многу проблеми, трагедии и потешкотии. Ова е миг да се запрашаме каде го загубивме патот – кажа пред Конгресот.
Проблемите на демократскиот систем во Перу се протегаат далеку подолго во однос на изминатите неколку недели. Четворица перуански претседатели беа сменети поради скандали со корупција, а еден се самоуби во пресрет на неговото апсење.
Сагасти сега ќе има задача да плива низ матните политички води заедно со моќниот Конгрес на Перу, туку и со справувањето со пандемијата, во која Перу е една од најпогодените држави. Негова цел е враќањето на довербата во политичкиот систем на Перу во пресрет на следните претседателски избори во април.
Сагасти има цел да остане на функцијата до 28 јули в година, кога ќе биде инаугурацијата на новиот претседател. Поранешната фудбалска ѕвезда Џорџ Форсајт води во анкетите, иако кандидатот на Виолетовата партија Хулио Гузман не е далеку. Следниот победник на изборите ќе биде шестиот претседател на Перу во изминатата деценија.