Од вкупно околу 30 жени – шефици на дипломатии во светот, речиси 20 од нив учествуваат на првата официјална Средба на жени – министерки за надворешни работи, која вчера и денеска се одржува во канадскиот град Монтреал.
-Жените имаат водечка улога при „изнаоѓање решенија за политичките, економските и социјалните предизвици со кои нашите општества се соочуваат”, изјави на отворањето на средбата канадската министерка за надворешни работи Кристија Фриланд. Таа вети “дека „секогаш ќе промовира еднаква застапеност и почитување на правата на жените и девојките”.
– Кога сите сме вовлечени во процесите на донесување одлуки, нашите општества стануваат посилни, нашите економии и средна класа стануваат попросперитетни, а нашите земји – посигурни, истакна Фриланд.
Канадската министерка за надворешни работи копретседателствува со Форумот заедно со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Федерика Могерини. На воведната седница беше изразена надеж дека со оваа средба ќе започне традиција на соработка меѓу жените-министри.
На форумот учествуваат министерките за надворешни работи на 18 земји (Канада, Бугарија, Јужноафриканска Република, Андора, Костарика, Хрватска, Доминиканска Република, Гана, Гватемала, Хондурас, Индонезија, Кенија, Намибија, Норвешка, Панама, Руанда, Сент Лусија и Шведска) плус Могерини.
Учесничките ќе разговараат зад затворени врати за четири теми – јакнењето на слободата, политичкото учество и лидерството на жените, зајакнувањето на демократијата, промоцијата на мирот и безбедноста и отстранување на насилството врз основа на полот.