Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган најави дека е само прашање на време кога ќе започне операцијата на Армијата на Турција против силите на сириските Курди, источно од реката Еуфрат во северна Сирија, нагласувајќи дека „сирискиот огранок на ПКК ќе го добие заслуженото“.
Анкара ја смета групата Сили за заштита на народот на сириските Курди, за огранок на Курдската работничка партија (ПКК) во Сирија. ПКК од 90-те години на минатиот води вооружена борба за автономија на турските реони каде Курдите се мнозинство и се наоѓа на листата на терористички организации на Турција, ЕУ и САД.
Ердоган нагласи дека Анкара нема да им дозволи на групите поврзани со ПКК да создадат „терористички коридор“ на јужната граница на Турција, кој би можел да ги загрози безбедноста и мирот на земјата.
– Во блиска иднина ќе испратиме нови пораки до оние кои сè уште инсистираат на такво сценарио- изјави Ердоган во обраќање на церемонијата на отворање на новата зграда на Штабот за специјални операции во Ѓулбаш, која беше оштетена за време на обидот за државен удар на 15 јули 2016 година, при што загинаа 251 лице.
Турската армија досега спроведе две воени операции во северна Сирија – „Еуфратски штит“ во август 2016 и „Маслиново гранче“ во јануари 2018 година, со цел да ги потисне силите на сириските Курди и борците на џихадистичката група Исламска држава (ИД) од нејзината јужна граница. Двете операции беа спроведени на територии западно од Еуфрат.
Од друга страна, сириските области источно од Еуфрат речиси целосно се под контрола на Силите за заштита на народот, откако сириските Курди од таа територија ги потиснаа борците на ИД.
Анкара ја најави воената операција во областите источно од Еуфрат уште во јануари годинава, но досега не ја спроведе под притисок на САД, кои беа главен сојузник и поддржувач на Силите за заштита на народот во борбите против ИД.