Некои од европските лидери предупредија на зголемените шанси од брегзит без договор, за што многу британски пратеници стравуваат дека ќе предизвика хаос на пристаништата и ќе ѝ нанесе штета на индустријата

Британската премиерка Тереза Меј доживеа историски пораз на гласањето во парламентот за нејзиниот договор, со кој Британија треба да ја напушти Европската Унија. Дури 432 пратеници гласаа против договорот за брегзит, кој беше поддржан само од 202 пратеници, што претставува најголем пораз во поновата британска опција. Но маките на Меј допрва почнуваат, бидејќи пратениците вчера требаше да гласаат за доверба на британската влада. По разочарувачкиот пораз во парламентот, кој, според лидерот на либералите, претставува „почеток на крајот на брегзит“, се огласија и лидерите на ЕУ. Тие сигнализираа дека нема да има нови преговори за брегзит, иако, според дипломатски извори од Брисел, можно е евентуално проширување на членот 50, за да ѝ се даде повеќе време на Меј да обезбеди поддршка за договорот, пренесуваат светските медиуми.

Поразот во Долниот дом на парламентот претставува голем удар за Меј. Таа потроши две години преговарајќи за планот, чија цел е уредно излегување на Британија од ЕУ, како и одредување транзициски период за постигнување договор за слободна трговија со Брисел. Нејзиниот договор ги содржеше и условите за брегзит, како и политичка декларација идните односи. Но планот на Меј наиде на голем отпор во парламентот, и тоа од пратеници што бараат нов референдум, поблиски односи со Европа, па до запирање на брегзит или излегување на Британија без договор. Главна пречка за усвојувањето на договорот во британскиот парламент е т.н. Северноирска ограда, план чија цел е избегнување на повторното враќање на физичката граница помеѓу Британија и Ирска. Голем дел пратеници тврдат дека со тоа Британија ќе остане бесконечно врзана за царинските правила на ЕУ.

Британските пратеници вчеравечер требаше да гласаат за доверба на владата на Меј. Доколку биде изгласана недоверба, тогаш почнува 14-дневен период во кој владата или која било друга алтернативна влада треба да се обиде да ја добие поддршката на пратениците. Доколку не успее во тоа, ќе бидат распишани предвремени избори, кои можат само дополнително да го одолжат процесот на брегзит.

Сепак, според сите сигнали од Лондон, Меј би требало да го преживее гласањето за доверба. Во таков случај, на британската премиерка ѝ остануваат неколку опции. Почетна позиција би била брегзит без договор, опција од која најмногу стравуваат и Лондон и Брисел. Законот за такво нешто веќе е донесен и според него Британија ќе ја напушти ЕУ на 29 март годинава. Второ сценарио е британската влада да предложи нови преговори со ЕУ за договорот за брегзит. Засега мали се изгледите за такво нешто, а веднаш по гласањето во британскиот парламент, европските лидери изразија разочарување од резултатот, но не сигнализираа дека се расположени за какви било отстапки, вклучувајќи ги и новите преговори за брегзит. Некои од нив предупредија на зголемените шанси од брегзит без договор, за што многу британски пратеници стравуваат дека ќе предизвика хаос на пристаништата и ќе ѝ нанесе штета на индустријата.

– Останува британските власти денеска или утре да го проценат исходот од ова гласање, а британската влада да покаже како ќе ги завршиме работите, за на 29 март да има уредно излегување на Британија – порача Мишел Барние, главниот преговарач на ЕУ за брегзит.

Првиот човек на Европската комисија, Жан Клод Јункер, ја повика Британија да ги разјасни своите намери што е можно побргу, бидејќи времето е речиси истечено. Истовремено, претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, сигнализира дека Британија би требало да остане во ЕУ.

– Ако не е можен договор и никој не сака договор, тогаш кој конечно ќе има храброст да каже кое е единственото позитивно решение – истакна Туск на Твитер.

Следна опција за Меј е Владата да распише нов референдум за брегзит. За такво нешто сѐ повеќе се зборува низ кулоарите на Лабуристичката партија, како и кај либералдемократите. Лабуристичкиот пратеник Чука Умуна изјави дека ако неговиот лидер Џереми Корбин не успее да обезбеди предвремени избори, тогаш тој треба да го стори тоа што го сакаат „големото мнозинство“ лабуристи и да ја поддржи идејата за нов референдум за брегзит. Со реакција се јави и лидерот на либералдемократите Винс Кејбл, кој исто така бара втор референдум за ова прашање.
– Поразот на Меј е почеток на крајот на брегзит – порача Кејбл.


Германија: Помина времето за игра

Германскиот вицеканцелар Олаф Шолц, по отфрлањето на договорот за брегзит во британскиот Парламент, на Твитер објави дека тоа е тажен ден за Европа. Во меѓувреме, шефот на германската дипломатија Хајко Мас изјави дека нема многу време за наоѓање решение за излез на Британија од ЕУ и оти „помина времето за игра“.


Макрон: Најмногу губат Британците

Францускиот претседател Емануел Макрон порача дека Британија би била најголем губитник доколку излезе од Европската Унија без договор.
– Прва опција е излегување без договор. Тие велат: Нема договор. Тоа е застрашувачки за сите. Најголеми губитници во тоа би биле Британците – изјави Макрон по отфрлањето на договорот за брегзит во британскиот Парламент.
Тој очекува дека Лондон најверојатно ќе побара дополнително време за повторни преговори за договорот.


Курц:Нема да има нови преговори за брегзит

Австрискиот канцелар Себастијан Курц изјави дека Европската Унија не би требало да преговара со Британија за договор за излез на земјата од Унијата.
– Жал ми е поради исходот од гласањето за брегзит во Долниот дом на британскиот Парламент. Во секој случај, нема да има нови преговори за нов договор за повлекување – порача Курц на Твитер.