Португалија им забрани на шефовите да испраќаат СМС пораки и мејлови до вработените надвор од работното време, како дел од новите закони што се карактеризираат како право на одмор.

Овој потег е дел од промената насочена кон подобрување на рамнотежата помеѓу работата и животот на работниците.

Компаниите со повеќе од 10 вработени би можеле да се соочат со парични казни доколку контактираат со вработените надвор од работното време, наведува Би-би-си.

Исто така, една од новите регулативи им овозможува на вработените кои имаат деца да работат од далечина.

Родителите ќе можат да работат од дома на неодредено време и нема да мора да бараат претходно одобрение од нивните работодавачи додека нивното дете не наполни осум години.

А компаниите ќе мора да плаќаат и сметки за струја и интернет за оние кои работат од дома.

Вклучени се и мерки поврзани со тоа како може да се чувствуваат работниците кои работат од дома, а од компаниите се очекува да организираат редовни состаноци лице в лице.

Сепак, некои елементи од пакетот не беа одобрени од португалскиот парламент.

Португалската министерка за труд и социјално осигурување Ана Мендез Годињо на конференцијата во Лисабон минатата недела рече дека се надева оваа зголемена заштита на работниците да привлече повеќе странци во земјата.

„Сметаме дека Португалија е едно од најдобрите места во светот за дигиталните номади за да живеат во неа, сакаме да ги привлечеме во Португалија“, рече Годињо.

Португалија веќе има виза за привремен престој, наменета да привлече претприемачи и хонорарци. Португалскиот остров Мадеира има „дигитално номадско село“ со бесплатен Wi-Fi и опремени канцеларии.