Извештај на ЕУ
Обидите за трансфер на нелегално огнено оружје во Полска од Украина е во пораст, се наведува меѓу другото во извештај на ЕУ. Како што се наведува во извештајот, иако зголемената нелегална трговија со огнено оружје сѐ уште не е очигледна, веќе се забележани голем број обиди за шверц во земјите на Истокот од Европа.
– Со огнено оружје, исто така се тргува и од ЕУ кон Украина и Либија. Со оглед на тековниот конфликт, Сирија може да стане земја од интерес за снабдување со оружје од пазарите на ЕУ – стои во извештајот.
Документот од 47 страници беше подготвен од „Емпакт“, безбедносна иницијатива на земјите-членки на ЕУ, па иако во него не беа наведени бројките за колкаво количество нелегално оружје станува збор, делумно поради недостигот од податоци за заплени на огнено оружје во ЕУ, сепак извештајот посочува дека станува збор за сериозно количество.
Нилс Дук, експерт за оружје и директор на „Фламанскиот мировен институт“, вели дека во моментов се чини дека најголемиот дел од протокот на оружје, всушност, сѐ уште оди во Украина.
– Има заплени на границата. Не е секогаш јасно во која насока оди оружјето – рече тој. Според Дук, дефинитивно во ЕУ постои став дека дел од оружјето што моментално се наоѓа во Украина исто така се враќа и во ЕУ. Според експертот за оружје, моменталната состојба и фреквенција со шверц на нелегално оружје наликува на времињата на оружените конфликти во поранешна Југославија во 1990-тите.