Поранешниот претседател на Бразил, Луис Инасио Лула да Силва одби да ѝ се предаде на полицијата, како што претходно побара судот.
Лула имаше рок до 22 часот синоќа да им се предаде на властите во градот Куритиба, на околу 400 км од Сао Паоло. Наместо тоа, тој се повлече кај приврзаници во металуршки синдикат во местото Сао Бернардо до Кампо, предградие на Сао Паоло.
Судот нареди вчера апсење на поранешниот претседател за да почне да издржува казна затвор од 12 години.
Лула да Силва негира дека е виновен и смета дека е изложен на политички прогон за да не може да учествува во претсеателските избори во октомври. Беше претседател на Бразил од 2003 до 2011 година. Во јули 2017 е осуден за корупција и перење пари во рамки на најголема истрага за корупција во историјата на државата по која во затвор завршија политичари и бизнисмени.