САД ја советуваа Турција да не ги распоредува руските системи С-400 со закана со поголеми санкции иако Белата куќа е претпазлива во казнувањето на својот сојузник во НАТО, кој може да одговори со затворање на своите бази за американските трупи, пренесува „Раша Тудеј“.
-Може да следат повеќе санкции, но искрено она што навистина би сакале е С-400 да не почне да функционира, рече државниот секретар Мајк Помпео во интервју за „Блумберг“.
САД неколку месеци ја притискаа Турција да се повлече од договорот за оружје со Русија, заканувајќи се дека ќе го казнат својот сојузник за непослушност со санкции.
Како одговор на првите испораки на рускиот хардвер, САД формално ја избркаа Турција од програмата за Ф-35, во која Анкара инвестираше околу 1,25 милијарди долари и останува отворено прашањето дали средствата ќе ѝ бидат надоместени.
Во исто време, и покрај сите закани со остри санкции, Белата куќа се двоуми околу нивното наметнување.
-Не постои распоред за нови санкции, истакна Стејт департментот додека претседателот Доналд Трамп бара повеќе флексибилност во својата реакција.
Во меѓувреме, Турција подготвува планови за контрасанкции, со кои, во најлош случај, американските сили би можеле да бидат протерани од турските воздухопловни бази од кои Вашингтон зависи во проектирањето на своето влијание во регионот, особено во Ирак и во Сирија.
-Во моментов го водиме процесот, без разлика дали станува збор за Инџирлик, Куречик или други прашања, Ако Америка преземе многу негативни чекори кон нас, ако има санкции или понатамошни чекори, ќе имаме одговори за Америка, рече турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу.