Северна Кореја продолжува да произведува материјал за нуклеарни бомби и покрај ветувањето за денуклеаризација, изјави американскиот државен секретар Мајк Помпео.
Тој одби да каже дали Северна Кореја и понатаму работи на производство на балистички ракети што се лансираат од подморници и дали севернокорејската нуклеарна програма генерално напредува.
Според него, јавните изјави за тоа прашање не би помогнале во „комплексните преговори со тешкиот непријател“.
Сепак, тој напомена дека во преговорите со Пјонгјанг има напредок по самитот Трамп-Ким одржан на 12 јуни. Помпео наведе дека САД се ангажирани во „трпелива дипломатија“ за да ја убедат Северна Кореја да се откаже од нуклеарното оружје, но нема да дозволат тој процес „да заврши со ќорсокак“.