САД ќе испратат дополнителни 1.000 војници на Блискиот Исток како одговор на непријателското однесување и нивните сојузнички групи, порача американскиот секретар за одбрана Петри Шенехан.

Ваквиот чекор, како што оценува британски „Гардијан“, дополнително ги зголемува тензиите помеѓу двете земји. Официјален Вашингтон минатата седмица го обвини Иран за нападите врз два танкери со нафта, кои се случија нешто повеќе од една година откако американскиот претседател Доналд Трамп најави дека САД се повлекуваат од договорот за иранската нуклеарна програма од 2015 година и повторно ги воведе економските санкции против Техеран.

– Авторизирав испраќање на околу илјада војници за одбранбени цели, кои треба да одговорат на воздушните, поморските и копнените закани на Блискиот Исток. Неодамнешните ирански напади ги потврдија доверливите и сигурни разузнавачки информации што ги добивме за непријателското однесување на иранските сили и нивните сојузнички групи, кои им се закануваат на персоналот и интересите на САД во регионот. САД не сакаат конфликт со Иран. Денешниот чекор има цел да се зајакнат безбедноста и добросостојбата на нашиот воен персонал што работи низ регионот, како и да се заштитат нашите национални интереси – истакна Шенехан.
Американски претставници за Асошиејтед прес потврдиле дека ќе бидат испратени безбедносни сили и војници за дополнително набљудување и разузнавање, чекор што беше меѓу првите што администрацијата во Вашингтон ги најави кон крајот на минатиот месец. Меѓу тие опции се и испраќање вкупно 10.000 војници, заедно со повеќе противвоздушни системи „патриот“, авиони и бродови.

Додека се влошуваат односите помеѓу САД и Иран, Техеран завчера соопшти дека наскоро ќе го надмине лимитот на збогатен ураниум, што може да го поседува во согласност со условите на договорот од 2015 година. Договорот што беше постигнат од Барак Обама, а другите потписнички го почитуваат и покрај повлекувањето на Трамп, го ограничува Иран на 300 килограми збогатен ураниум. Но властите во Техеран порачаа дека го зголемиле производството, па, така, за десет дена количеството ќе го надмине ограничувањето од 300 килограми.
Националниот совет за безбедност при Белата куќа соопшти дека таквиот потег на Иран е рамен на „нуклеарна закана“. Во меѓувреме се огласи и американскиот Стејт департментот.

– И понатаму го повикуваме иранскиот режим да не произведува нуклеарно оружје и да се придржува до своите обврски кон меѓународната заедница. За жал, тие го издадоа тоа соопштение. Тоа не изненади никако и токму поради тоа претседателот Трамп често вели дека иранскиот договор треба да биде заменет со подобар договор – изјави Морган Ортагус, портпаролот на Стејт департментот.

„Гардијан“ оценува дека американската одлука за повлекување од договорот, како и пристапот на Трамп кон надворешната политика, познат како „Америка на прво место“, ја наруши довербата кај некои сојузници, кои бараат поцврсти докази дека Иран навистина стои зад неодамнешните напади врз танкерите со нафта.
Пентагон завчера објави нови фотографии, за кои тврди дека докажуваат оти Иран стои зад нападот на еден од бродовите. Наводно станува збор за неексплодирана морска мина кај танкерот „Кокука Карејџес“. Од друга страна, пак, критичарите ја обвинуваат администрацијата на Трамп дека намерно создава криза.
– Повлекувањето на Трамп од иранскиот договор директно и очекувано доведе до влошување на иранската нуклеарна закана, како и до зголемување на опасноста од војна – порача на Твитер Бер Роудс, советник за национална безбедност на поранешниот американски претседател Барак Обама.
Во меѓувреме, демократите повикаа на внимателност и бараат објаснување од Белата куќа.

– Американците не смеат да имаат илузии за иранскиот режим и мора да останат посветени да бараат одговорност од Иран за неговите опасни активности во регионот. Но мораме да бидеме силни, мудри и стратези, а не невнимателни и брзи. Конгресот мора веднаш да биде известен за одлуките и плановите на администрацијата. Оваа многу загрижувачка одлука може да предизвика ескалација на ситуацијата со Иран и ризикува сериозни погрешни калкулации кај двете страни. Потребна е дипломатија за намалување на тензиите, затоа Америка мора да продолжи да се консултира со нашите сојузници, за да не го направиме регионот помалку безбеден – порача Ненси Пелоси, спикерката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес.
Со реакција се јави и официјален Пекинг, кој предупреди дека САД ризикуваат отворање на Пандорината кутија на Блискиот Исток.

– Американската страна треба да ги промени своите екстремни методи за притисок. Секое унилатерално однесување нема основа во меѓународното право. Тоа може да создаде уште поголема криза. Истовремено, го повикуваме Иран да не го напушта нуклеарниот договор – предупреди кинескиот државен советник Ванг Ји.


Москва: Америка намерно се обидува да предизвика војна со Иран

САД намерно настојуваат да предизвикаат војна со Иран, изјави рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков.
– Веќе долго време може да се забележи постојан политички, психолошки, економски и воен притисок на САД врз Иран. Верувам дека ваквиот начин на реакција, на некој начин е провокација. Не може да се сфати никако поинаку, освен како настојување да се предизвика војна – предупреди Рјабков.