Австриски полковник, кој во меѓувреме е пензиониран, за време на неговата активна служба 30 години шпионирал за Русија, открија австриските власти со помош на информации добиени од странска разузнавачка служба.
Австрискиот канцелар Себастијан Курц и министерот за одбрана Марио Кунасек денеска потврдија дека државното обвинителство покренало истрага, откако е добиена информација од една странска разузнавачка служба.
Курц на вонредна прес-конференција го осуди дејствувањето на Русија и порача дека такво нешто не е во ред.
Тој истакна дека рускиот претседател Владимир Путин треба лично да ја разјасни оваа работа.
– Такво нешто не се прави и тоа важи за сите нации – нагласи тој.
Курц најави дека амбасадорот на Русија ќе биде повикан на разговор во Министерството за надворешни работи, и ги негираше тврдењата дека не функционира соработката меѓу австриската и меѓународните разузнавачки служби.
– Врз основа на откривање на оваа афера може да се види дека сме одлично вмрежени – нагласи тој.
Првиот контакт меѓу австрискиот полковник и руските служби бил остварен во 1988 година за време на неговата посета на Техеран, каде бил врбуван по што три децении им праќал информации на Русите, за што добил 300.000 евра, тврди виенскиот весник „Кронен цајтунг“.
Москва, пред сѐ, ја интересирале информации за борбените авиони „Еурофајтер“.
Полковникот работел многу професионално и имал неупадлива функција во раководството на армијата.
Секои две недели одржувал контакт со неговата руска врска под името „Јуриј“.
Налозите за „дополнителната работа“ ги добивал преку еден приемник, а своите пораки ги пишувал со тајна азбука, или директно, преку сателитска комуникација, ги праќал до Русите.
Интересирањето на Русија за австриската армија било големо, дознала контраразузнавачката служба за време на истрагата.
Офицерот требало да собере што повеќе доверливи податоци за военото воздухопловство на Австрија, за артилериските системи, као и за брифинзите во штабот.
Непосредно пред да биде откриен, полковникот испраќал и извештаи за ситуацијата со миграцијата во Австрија, и правел детални профили на личноста на многу високи офицери во австриската армија.
Кога Русите добиле информација за можно откривање на нивниот шпион, тој добил налог да го уништи целиот материјал, но, според локалните медиуми, австриските власти го спречиле во тоа.
Нему сега му се заканува максимална казна од две години затвор поради поддршка на воена разузнавачка служба на странска држава.