Трамп ги суспендира патувањата од Европа во САД. Триесетдневните ограничувања се однесуваат само на лицата што биле во некоја од 26-те земји на шенген-зоната, две недели пред да пристигнат во САД. Забраната не се однесува на земјите што не се членки на безграничната зона. Исклучок е направен и за американските граѓани

Американскиот претседател Доналд Трамп најави привремени ограничувања на патувањата од 26 европски земји во САД, во обид да се справи со ширењето на коронавирусот во својата земја. Триесетдневните забрани важат за патници од земји, кои се членки на шенген-зоната. Британија и други земји што не се членки на безграничната зона не се засегнати од новите мерки. Исклучок е направен и за американските граѓани.
Во обраќањето до нацијата, претседателот Трамп рече дека „силните, но неопходни“ мерки ќе помогнат во заштитата на Американците. Новите правила влегуваат во сила од петок на полноќ и претставуваат голема ескалација во односот на американскиот претседател кон пандемијата, откако беше обвинет дека не се справува соодветно со коронавирусот. Според податоците до 12 март, во САД се регистрирани 1.135 случаи на коронавирус, како и 38 жртви.

– Ова е најагресивниот и сеопфатен обид за соочување со странски вирус во модерната историја – рече Трамп.
Оправдувајќи ги ограничувањата на патувањата, тој ја обвини ЕУ дека не презела „исти мерки на претпазливост“ како и САД во борбата против вирусот. Трамп во говорот изјави дека сите патувања од Европа ќе бидат суспендирани, но подоцна во претседателската прокламација е посочено дека ограничувањата се однесуваат само на лицата што престојувале во некоја од земјите на шенген-зоната, 14 дена пред да пристигнат во САД. Трамп, исто така, рече дека суспензијата ќе важи и за стоките што доаѓаат од Европа во САД, а подоцна на Твитер порача дека трговијата „нема да биде засегната“.

Претседателот во говорот најави планови за обезбедување милијарди долари во заеми на малите фирми и истовремено го повика Конгресот да ослободи повеќе средства. Трамп рече дека за повеќето Американци ризикот е „многу низок“, додавајќи дека „ниту една нација не е поподготвена или поотпорна од САД.
Во реакција на говорот на Трамп, демократите го оценија како „алармантен“ фактот што претседателот не се осврнал на недостигот од опрема за тестирање на коронавирус во САД.

– Имаме јавна здравствена криза во земјата. Најдобриот начин да му помогнеме на американскиот народ да биде безбеден и да се обезбеди неговата економска безбедност е ако претседателот се фокусира на борбата против ширењето на самиот коронавирус – нагласија водечките демократски функционери, Ненси Пелоси и Чак Шумер.

Во однос на забраната за патувањата, Лоренс Гостин, експерт по јавно здравје од универзитетот „Џорџтаун“, оцени дека поголемиот дел од Европа е безбеден исто колку и САД. Според него, мерките нема да имаат влијание врз САД „зашто бактериите не ги почитуваат границите“.

ЕУ нагласи оти ја следи ситуацијата, а претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, посочи оти мора да се избегне „економско нарушување“.

Ентони Фаучи, директор на Националниот институт за алергии и заразни болести на САД, изјави пред Конгресот дека епидемијата „ќе се влоши“ и дека сѐ ќе зависи од можноста да се изолираат заразените лица. Високите медицински трошоци го прават вирусот особено проблематичен за посиромашните Американци, бидејќи многу од нив одбиваат да посетуваат лекар поради скапите услуги. Дополнителни проблеми се платените боледувања, како и недостигот од опрема за тестирање, посочува Би-би-си.

Од друга страна, потпретседателот на САД, Мајк Пенс, кој ја предводи работната група за координирање на мерките против кризата, тврди оти „секој Американец може да се тестира, без ограничувања, по барање од лекар“ и дека „осигурителните компании ветија оти ќе ги компензираат трошоците“.


Лидерите на ЕУ ја осудија американската забрана

Европската Унија ја осуди одлуката на претседателот на САД Доналд Трамп да им забрани на патниците од поголемиот дел од Европа да ги посетуваат САД.
– Коронавирусот е глобална криза, не ограничувајќи се на ниту еден континент и бара соработка наместо еднострана акција – велат во заедничката изјава претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
Според двајцата лидери, Европската Унија не се согласува со фактот дека одлуката на САД за воведување забрана за патување е донесена еднострано и без консултации. Лидерите на ЕУ нагласија дека блокот презема силни активности за да го ограничи ширењето на вирусот, откако Трамп ја критикуваше ЕУ дека не направила доволно за да се справи со пандемијата, пренесе „Политико“.

Фон дер Лејен и Мишел ја осудија едностраната одлука на САД