Руската владејачка партија Единствена Русија, која е поддржана од претседателот Владимир Путин, по локалните избори загуби околу една третина од местата во градскиот совет на Москва. Засега е неизвесно кој ќе ја има власта во руската престолнина, пренесуваат светските медиуми.
Изборите, кои се одржаа во неделата, беа едни од најследените во изминатите години, поради тоа што властите исклучија многу опозициски партии од изборната трка, што, пак, предизвика масовни протести во Москва. Протестите почнаа уште во јули, откако Централната изборна комисија одлучи да не регистрира голем број опозициски партии и кандидати, наводно поради тоа што не успеале да соберат доволен број потписи од гласачите. Исклучените опозициски лидери, соработници на водечкиот руски опозициски глас Алексеј Навални, го оценија таквиот потег како намера да бидат исклучени од изборите, за да не победат во Москва. Навални потоа им препорача на сите опозициски приврзаници, сепак, да излезат на локалните избори и да гласаат за оној опозициски кандидат, кој има најголеми шанси да ја победи владејачката Единствена Русија.
Според најновите податоци од изборите во Москва, кои ги пренесе агенцијата РИА Новости, партијата на Путин загуби околу една третина од местата во советот на руската престолнината и оти е доведена во прашање контролата врз Москва.
Од друга страна, Дмитриј Медведев, лидерот на Единствена Русија, порача дека изборните резултати покажуваат дека неговата партија и натаму останува водечка политичка сила во Русија.