Актуелната американска политика на воведување унилатерални тарифи се заснова врз законот на џунглата, порача францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер
Трговската војна сега е реалност, а актуелната американска политика на воведување унилатерални тарифи се заснова врз законот на џунглата, предупреди францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер на маргините од министерскиот самит на Г20 во Аргентина.
Од друга страна, неговиот американски колега Стив Минучин застана во одбрана на тарифите и ги повика Европската Унија и Кина да ги отворат своите пазари за да дозволат слободна конкуренција. Американскиот претседател Доналд Трамп минатата седмица ја критикуваше ЕУ, опишувајќи ја како „непријател за трговијата“. Како јасен знак дека трговската војна и натаму ескалира, Трамп подоцна се закани со воведување тарифи на сите кинески производи што влегуваат во САД, вредни околу 500 милијарди долари. САД имаат големи трговски дефицити и со ЕУ и со Кина, пренесува Би-би-си.
– Светската трговија не може да се заснова врз законот на џунглата, а унилатералното зголемување на тарифите е законот на џунглата. Законот на џунглата, законот на најјаките, не може да биде иднината на глобалните трговски односи. Законот на џунглата само ќе создаде губитници, ќе го ослаби порастот, ќе им наштети на најфрагилните земји и ќе има катастрофални политички последици – порача францускиот министер.
Ле Мер дополнително предупреди дека ЕУ не може го разгледува постигнувањето договор за слободна трговија со САД, без претходно Вашингтон да ги повлече американските тарифи на челикот и алуминиумот. На ова одговори американскиот министер, кој ја повтори потребата од отворање на пазарите на Кина и на Унијата.
– Мојата порака е многу јасна, тоа е истата порака што претседателот ја пренесе на Г7, а тоа е дека ако Европа верува во слободната трговија, ние сме подготвени да потпишеме договор за слободна трговија без тарифи, без тарифни бариери и без субвенции. Мора да бидат сите три услови – истакна Мнучин.
Во однос на Кина, Минучин предупреди дека казнените тарифи против Пекинг се реална опција. Администрацијата на Трамп на 1 јуни воведе тарифи од 25 отсто за челикот и десет отсто за алуминиумот што се увезуваат во САД. Трамп тврди дека глобалната преснабденост со челик и алуминиум, зад која наводно стои Кина, им се заканува на американските производители, кои се од витално значење за САД. Шефот на Белата куќа, како што пренесува Би-би-си, верува дека трговскиот дефицит ѝ штети на американската економија. ЕУ подоцна одговори со воведување контрамерки и тарифи на голем број американски производи, вклучувајќи ги и бурбонот, сокот од портокал и познатиот производител на мотори „Харли Дејвидсон“.
Вашингтон минатата недела ја прошири листата на кинески производи, вредни 200 милијарди долари, за кои планира да воведе тарифи најрано во септември. На листата се наоѓаат над 6.000 производи, вклучувајќи прехранбени продукти, минерали и потрошувачки добра, за кои ќе се плаќа тарифа од десет отсто. Листата сѐ уште се наоѓа во процес на јавно советување, кое ќе трае до крајот на август. САД и Кина веќе воведоа меѓу себе тарифи за нивните производи во висина од 34 милијарди долари.