Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско денеска во Абу Даби оцени дека ниту едно насилство не може да биде оправдно со верски причини.
– Ниту едно насилство не може да биде верски оправдано. Братството меѓу луѓето бара од сите нас, претставниците на религиите, да ја забраниме секоја нијанса на одобрување на зборот војна – изјави папата во обраќање пред учесниците на собирот Меѓународен верски дијалог, што се одржа во Абу Даби.
Папата порача дека војната е синоним за сиромаштија и суровост, додавајќи дека како резултат на воени конфликти четири земји во регионот на Блискиот Исток – Јемен, Сирија, Ирак и Либија, се соочуваат со штетни последици.
Пред стотината претставници на различни верски заедници учесници на собирот, понтифот се заложи за верски слободи и еднакви права на сите жители на Блискиот Исток.
Папата Франциско порача и дека никој не смее да биде принудуван на некоја религиозна пракса, додавајќи дека затоа од сите слободи најмногу ја сака верската слобода.
Учеството на поглаварот на Католичката црква на форумот е во рамки на неговата историска посета на Обединетите Арапски Емирати, што претставува прв престој на еден папа во оваа земја во Персискиот Залив.