Папата Франциско денеска апелираше до Ерменија и Азербејџан да ги решат „нивните недоразбирања“ преку преговори по конфликтот за отцепениот регион Нагорно-Карабах.
– Се молам за мир на Кавказ и ги замолувам конфликтните страни да направат конкретни гестови на добра волја и братство кои можат да доведат до решавање на проблемите без употреба на сила и оружје, но преку дијалог и преговори – рече тој.
Папата Франциско, кој им се обрати на верниците за време на благослужбата на плоштадот Свети Петар, ги посети двете земји во 2016 година, пишува Ројтерс.
Тој истакна дека е загрижен за извештаите за нови судири, бидејќи извори од обете страни потврдија дека има човечки жртви. Тој ги замоли собраните да се молат во тишина со него за мир во регионот.
Иран повика на итен прекин на непријателствата меѓу Ерменија и Азербејџан по конфликтот меѓу двете земји и ја истакна својата подготвеност да помогне во воспоставување на примирје.Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Саид Катибзадех, рече дека Техеран е подготвен да ги искористи сите свои капацитети за да помогне во започнувањето на разговорите меѓу двете страни.
– Иран внимателно и со загриженост го следи конфликтот и повикува на итно прекинување на непријателствата и почеток на разговорите меѓу двете земји – рече Катибзадех.