Протекувањето на речиси 40 милиони документи за сокривање на богатството на светската елита во даночните оази не успеа да предизвика значителни промени пред осум години, па така, ниту сегашната објава на „пандорините документи“ не се очекува да даде големи резултати, пишува „Блумберг“.
Откритијата за богатите и нивните бизниси од 2013 година беа изнесени од страна на Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ИЦИЈ), кој ги објави и „пандорините документи“, во најновата истрага во која беа вклучени повеќе од 600 новинари во 117 држави (беа собрани вкупно 11,9 милиони документи). Во слична истрага од 2016 година, но со помал обем, беа објавени „Панама пејперс“ кои исто така разоткрија скандал со даночните затајувачи и со даночните оази. Тогашната објава резултираше со протести во повеќе држави и со симнување од власта на двајца светски лидери.
– Обидите за менување на финансискиот систем делуваат неефективни. Поминаа осум години откако владите ветија координирана акција за справување со употребата на офшор структури за избегнување на даноците, но движењето дури отиде во спротивна насока. Преку офшор финансиските центри се пренесува количество на пари кое е поголемо од капиталот што државите го добиваат од странските инвестиии – наведува „Блумберг“, додавајќи дека голем е влогот за оние задолжени за осмислување на законите и спогодбите за ограничување на меѓународните текови на капиталот.
Директорот на групата за истражување на незаконски финансиски текови и корупција „Глобал фајненшл интегрити“, Лакшми Кумар, истакна дека се надевал оти „пандорините документи“ ќе ја забрзаат акцијата за зацврстување на меѓународните финансиски прописи, ќе го сузбијат избегнувањето на плаќањето даноци и значително ќе ги ограничат начините за сокривање на богатството.
– Кога сте толку богати и барате креативни начини за криење на парите, не можете тоа да го сторите сами. Потребна ви е мрежа на професионалци кои честопати се токму оние што треба да го штитат финасискиот систем – објаснува Кумар.
Се додека постојат големи количества на богатство и моќ во рацете на неколкумина индивидуалци и бизниси, тие ќе бараат начини да го преместат капииталот на локации кои нудат даночни олеснувања. Консултантите ќе целат да остварат профит преку помагање на ваквиот процес, со што ќе се јавуваат експерти за пронаоѓање на „дупките во законот“ и дополнително ќе се зголемува концентрацијата на богатството кај светските моќници, како и избегнувањето на даноците, заклучува „Блумберг“.
Токму затоа, извесно е дека се потребни промени во светскиот финансиски систем за справување со избегнувањето на плаќање данок, како и на матните трансакции.