Кина ги затвори фабриките како одговор на пандемијата. Како последица на тоа,загадувањето е драматично намалено. Сепак, експертите стравуваат дека загадувањето уште повеќе ќе се зголеми кога Кина ќе ја рестартира економијата по исчезнувањето на заканата од вирусот
Чистото сино небо е ненамерната придобивка од строгите карантински мерки што ги воведоа кинеските власти како одговор на забрзаното ширење на пандемијата на коронавирусот. Фабриките се затворија и улиците се испразнија, но истовремено се намали и загадувањето на воздухот во кинеските провинции.
Податоците на кинеското министерство за животна средина покажуваат дека просечниот број на „денови со добар квалитет на воздухот“ се зголемил за една петтина во февруари, во споредба со истиот период од лани, во кинеската провинција Хубеи, каде што првично изби заразната болест. Но Хубеи не е единствениот регион. Сателитски слики на НАСА и на Европската вселенска агенција покажуваат драматично намалување на емисиите на азот диоксид од возилата, електричните централи и индустриските објекти, во поголемите кинески градови меѓу јануари и февруари. Видливиот облак на отровен гас што лебди над индустриските центри речиси исчезнал, нагласува Си-ен-ен.
– Првпат гледам таков драматичен пад на толку широко подрачје поради специфичен настан. Но не изненадува, зашто многу градови во целата земја презедоа мерки за минимизирање на ширењето на вирусот – вели Феи Лиу, истражувач на квалитет на воздухот од НАСА.
Слично е и со јаглерод диоксидот што се ослободува при горењето фосилни горива, како јагленот. Од 3 февруари до 1 март, емисиите на јаглерод диоксид се намалени за 25 отсто поради мерките за ограничување на ширењето на вирусот, според Центарот за истражување на енергијата и чистиот воздух. Кина, како најголем загадувач во светот, има удел од 30 отсто во глобалните емисии на јаглерод диоксид на годишно ниво, па влијанието од падот е огромно дури и за краток период. Се проценува дека намалувањето е еквивалентно на 200 милиони тони јаглерод диоксид, што е повеќе од половина од вкупните годишни емисии на Британија.
– Како мерка што практично се воведе прекуноќ, тоа е подраматична промена од сѐ досега во однос на влијанието врз емисиите – вели Лори Миливирта, аналитичарка од Центарот за истражување на чистиот воздух.
Иако строите мерки за спречување на ширењето на вирусот предизвикаа драматично намалување на нивото на загадување во Кина, експертите предупредуваат дека кога земјата ќе ја рестартира својата економија, отровните гасови може да достигнат повисоки нивоа отколку пред епидемијата.
Во 2017 година, претседателот Си Џинпинг вети дека борбата против загадувањето ќе биде една од „трите битки“ на Кина, а наредната година беше формирано Министерството за екологија и животна средина. Политиките имаа значително влијание, при што вкупното ниво на загадување се намали за десет отсто во кинеските градови во 2017-2018 година, според податоците на „Гринпис“. Еколошките активисти велат оти кризата со вирусот е потенцијал за јакнење на ветените реформи за намалување на загадувањето.
– Ја повикуваме Кина да ја искористи оваа можност да ја трансформира својата економија – вели Ли Шуо од „Гринпис“ во Источна Азија.
Споре Ли, многумина се загрижени дека по завршувањето на кризата Кина ќе се фокусира на рестартирање на својата економија, која веќе е повредена од трговската војна со САД, а тоа значително ќе ја загрози животната средина.
– Можеби ќе се понудат евтини кредити за тешките индустрии во Кина и поради тоа веројатно ќе забележиме значително зголемување на емисиите на штетните гасови во втората половина на оваа година – посочува Ли.
Овој ефект на враќање, кој понекогаш може да го анулира намалувањето на емисиите, Ли го нарекува „загадување од одмазда“ и тој во Кина има преседан. Во 2009 година, кинеската влада понуди стимулативен пакет од 586 милијарди долари како одговор на глобалната финансиска криза, а најголем дел од парите беше искористен за големи инфраструктурни проекти. Но драматичното зголемување на загадувањето во наредните години предизвика негодувања на јавноста, па кинеската влада во 2013 година во претстави својот прв национален акциски план за намалување на загадувањето на воздухот. Претседателот Си неодамна јасно порача оти работниците и фабриките треба што поскоро да ја засилат активност ако Кина сака да избегне поголем економски пад. Експертите, пак, се надеваат дека земјата можеби научила лекции од минатото.
– Токму претходните периоди на големо загадување ја прелеаја чашата. Намалувањето на загадувањето на воздухот е видливо, па ако загадувањето се врати поради стимулативните мерки и зголемените активности на тешките индустрии, реакцијата на јавноста може да биде бурна – вели Милвирита.