Баразата за азил бележат мал пад во јуни 2018 во ЕУ, споредено со претходната година, соопшти денеска Европската Канцеларија за поддршка на азил (ЕАСО). Барањата за азил од Турција се на рекордно ниво.
Во јуни во ЕУ имало 51.300 барања за меѓународна заштита, што е 1.600 помалку од месец мај, додека во првата половина на 2018 барањата се намалиле за 15 отсто во споредба со првата половина на претходната година.
Еден од најзабележливите податоци во извештајот на ЕАСО е значајниот раст на барања за азил од Турција – кој е на највисоко ниво во последните пет години.
Извештајот исто така забележува дека стапката на одобрување на барања за азил од Турција во ЕУ е значајно зголемен – од 26 отсто во 2017 на 42 отсто во 2018.
Од Европската Комисија велат дека немаат за сега анализа за причините на овој нов тренд.
Сирија, Авганистан, Ирак, Пакистан и Нигерија се главните земји од каде потекнуваат барањата за азил, а најголеми шанси да бидат одобрени имаат државјаните на Сирија и Еритреа.
Барањата за азил од Сирија и Авганистан бележат исто така мал пад во јуни споредено со мај, додека пак се зголемени апликациите на Ирачаните и Пакистанците.
Од почетокот на 2018 е забележан зголемен број на апликации за азил од државјани на Венецуела.
Што се однесува до одобрувањата на азилантите, трендот исто така опаѓа, за десет процентни поени во првиот дел од 2018 (32отсто) споредено со истиот период во 2017 (42 отсто). Земјите членки на ЕУ најчесто одобруваат право на азил и субзидијарна заштита.
На крајот на јуни имало 420.238 барања за азил во очекување на одговор од властите, што претставува 3000 помалку од претходниот месец.
Европската Унија се соочува со политичка криза поради политиката на азил. Сѐ побројните популистички партии во Унијата се спротиставуваат на приемот на мигранти и азиланти, а двете главни мигрантиски рути, преку Италија и Грција се затворени. Азилантите сега ја користат западно-медитеранската рута преку Шпанија.