Бројот на загинати при пожарот во станбена зграда во Париз се зголеми на осум лица, триесетина други се повредени, меѓу кои има и шестмина пожарникари.
Едно од повредените лица се наоѓа во животна опасност. Според јавниот обвинител Реми Хеиц, некои од загинатите паднале од зградата, додека некои се пронајдени во опожарените станови. Огнот е изгаснат, но операцијата на пожарникарите и истражните органи се уште е во тек. Во гаснење на пожарот биле ангажирани 250 пожарникари. Можно е билансот на жртвите да се зголеми, бидејќи моментно се испитуваат последните катови на зградата, каде пожарот бил најсилен.
Причината за инцидентот се уште не е позната, но истражните органи сметаат дека станува збор за намерно подметнат пожар.
Една 41-годишна жена е притворена утрово во рамки на истрагата која се води за намерно уништувања на добра со подметнување пожар и смртни последици. Жената, според помошник градоначалникот на Париз Емануел Грегуар, била во „алкохолизирана состојба“ и го оправдала својот чин со конфликтот што го имала со својот сосед.
Зградата е изградена во 70-те години на минатиот век, а жителите за да се спасат побегнале на покривот, од каде беа симнати со помош на пожарникарите. Педесетина лица се евакуирани, исто како и соседните згради, кои се наоѓаат во овој луксузен дел на Париз.