Тринаесет лица се обвинети за наводен заговор за киднапирање на гувернерката на американскта сојузна држава Мичиген Гречен Витмер, пренесува „Си-ен-ен“. Заговорот вклучувал планови за симнување од власт на повеќе политичари, за кои осомничените верувале дека „го прекршуваат американскиот устав“.
Шестмина биле обвинети за заговор за киднапирање, а седуммина поврзани со вооружената цивилна милиција „Вулверин вочмен“ се соочуваат со обвиненија од државата, соопшти локалното обвинителство.
Витмер беше цел на екстремни критики од десничарските групи поради начинот на кој се справува со пандемијата. Гувернерката во интервју им се заблагодари на припадниците на полицијата за нивната акција која довела до апсењата.
– Ова е случај каков што не сме виделе досега. Овие храбри мажи и жени од две полициски организации ги ризикуваа животите за јас и моето семејство да бидеме безбедни – кажа Витмер, додавајќи оти знаела дека нејзината работа ќе биде тешка, но не можела да замисли ништо слично на она со што се соочила.
ФБИ дознало за заговорот на почетокот на годинава преку социјалните мрежи, според извештаите. ФБИ испратило и доушник на состанок со дел од обвинетите за заговорот пред нивото апсење.
– Тие дискутирале за различни начини на постигнување на нивните цели, од мирни предлози до насилни акции. Неколку членови на организацијата зборуваа за убивање на тираните или за киднапирање на гувернерката – се вели во обвинението.
Заговорниците дискутирале и за зголемување на бројноста на нивната организација, како и за телевизиската станица „Фокс“ која стапила во контакт со нив. Набргу, втор доушник, потврдил дека новинари на „Фокс“ се сретнале со лидерот на вооружената милиција. Доушникот ги снимил разговорите со „Фокс“ во кои наводно се спомнувала потребата од собирање на 200 мажи за упад во зградата на државната власт и за земање на заложници, како што се наведува во обвинението. Властите веруваат дека дел од уапсените се поддржувачи на екстремистичкото движење „Бугалу“ кое е во подем во САД.
Осомничените спроведувале и надзор врз викендицата што ја поседува Витмер во два наврати во август и во септември. Гувернерката беше цел на смртни закани во повеќе наврати поради одлуката да воведе карантин со цел за спречување на ширењето на коронавирусот. Демонстрантите и екстремистите организираа собир пред зградата на државните власти во април, на кој апелираа Витмер да ја повлече наредбата за карантин. Во одреден момент вооружените демонстранти влегоа во зградата во која носењето на оружје е дозволено, и бараа да биде укината вонредната состојба во Мичиген.
Повеќе политичари укажаа на заканата од вооружените паравоени формации во САД откако беше откриен наводниот заговор. Гувернерката од Демократската партија, Витмер, го обвини и американскиот претседател Доналд Трамп бидејќи, како што таа истакна, тој упорно одбива да ги осуди екстремните десничарски групи.