Комесарката на ОН за човекови права, Мишел Башеле, порача дека 55.000 затвореници, борци на Исламската држава, вклучувајќи странци и нивните семејства, кои се притворени во Сирија и Ирак, треба да добијат фер судење или да бидат пуштени на слобода.
Државите мора да преземат одговорност за своите граѓани и не би требало децата на борците, кои веќе претрпеле премногу, да ги остават без помош од сопствената земја, му посочи Башеле на Советот на ОН за човекови права, кој следните три недели ќе заседава во Женева.
Бројката од 55.000 вклучува странски борци од речиси 50 земји, односно 11.000 члена на нивните семејства уапсени во кампот „Ал-Хол“ во североисточна Сирија во многу лоши услови за живеење, вели Башеле.
Властите во североисточна Сирија ги повикаа западните земји да ги преземат своите државјани, кои пристапиле кон Исламската држава заедно со нивните семејства, кога годинава Сириските демократски сили поддржани од САД го зазедоа и последното упориште на исламистите.
– Членовите на семејствата на странски борци мора да бидат вратени во своите земји, освен ако не треба да им се суди за воени злосторства во согласност со меѓународните стандарди. Децата имаат претрпено сериозни повреди на нивните права вклучувајќи ги и оние што биле индоктринирани и регрутирани од Исламската држава да учествуваат во насилни дела – заклучи Башеле.