Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, го поздрави претседателскиот указ издаден од претседателот на Палестинската Самоуправа, Махмуд Абас, за одржување на палестинските избори, пренесува „Мидл Ист монитор“.
Во изјавата издадена од портпаролот на генералниот секретар, Стефан Дујарик, се вели: „Одржувањето избори во окупираниот Западен Брег, вклучително и источен Ерусалим и Појасот Газа, ќе биде клучен чекор кон единството на Палестинците давајќи им нов легитимитет на националните институции, вклучително и демократски избрани парламент и влада во Палестина.
Во соопштението се додава дека генералниот секретар ги повикува палестинските власти да го олеснат, зајакнат и поддржат политичкото учество на жените во текот на целиот изборен циклус.
Генералниот секретар исто така се надева дека одржувањето на изборите ќе придонесе за почеток на процесот кон преговарачко решение за две држави засновано на линиите пред 1967 година и во согласност со релевантните резолуции на ОН, билатералните договори и меѓународното право.
Во меѓувреме во изјавата се потврдува дека ОН се подготвени да ги поддржат напорите на палестинскиот народ да може да ги остварува своите демократски права.
Во петокот Абас издаде претседателски указ за одржување претседателски и парламентарни избори на Палестинскиот национален совет. Последните претседателски избори се одржаа во 2005 година, а парламентарните во 2006 година.
Иако меѓународната заедница ги призна резултатите од првите избори, ги отфрли резултатите од вторите и покрај тоа што беа едни од најтранспарентните во целиот регион.