Додека Европската Унија може да се пофали со многу добро етаблирани и ценети брендови на велосипеди, европските компании во последниве години сè повеќе го насочуваат своето производство на делови за велосипеди во други делови на светот, особено во Азија. Компаниите надвор од ЕУ-зоната, исто така, добиваат голем удел во тој сегмент во Унијата, бидејќи побарувачката за велосипеди се зголеми особено за време на пандемијата на ковид-19.
Минатата година земјите-членки на ЕУ увезоа речиси 5 милиони велосипеди од земји што не се членки, со вкупна вредност од 930 милиони евра според „Евростат“. Тоа претставува зголемување од 35 проценти во однос на 2019 година. Исто така, лани Камбоџа го зазеде првото место за најголем извозник на велосипеди во Европа, со речиси една четвртина од вкупниот увоз на ова превозното средство во ЕУ. Кина го имаше второто место на листата, заземајќи 17 проценти од пазарот на внесените велосипеди во ЕУ.