Американски сенатор го повика ФБИ да истражи дали популарната руска апликација Фејсап масовно прибира податоци, а демократските претседателски кандидати добија препорака да престанат да ја користат. Едни експерти велат дека има ризици, а други сметаат оти тие не се ништо поголеми од ризиците поврзани со користењето други апликации или социјални мрежи како Фејсбук. За вторите ова е само уште еден фронт во актуелната сајбер-војна меѓу големите сили
Големите сили како САД, Русија и Кина водат сајбер-војни и меѓусебно се обвинуваат за сајбер-напади, технолошки упади, саботажи, масовни кражби на податоци и за обиди за влијаење на домашните политички текови. Во таквите судири често заглавуваат и технолошки компании, кои се обвинуваат за кражба на лични податоци, масовно прекршување на приватноста или за шпионажа.
Последен таков случај е со популарната руска апликација Фејсап, која може да ги уредува фотографиите на луѓето и да им покаже како би изгледале помлади или постари. Илјадници луѓе ги споделуваат резултатите од сопствените експерименти со апликацијата на социјалните медиуми. Но откако апликацијата стана неверојатно популарна во изминатите денови, многумина изразија загриженост од можен нов пробив во приватноста на милиони луѓе.
Креаторите на Фејсап ги демантираат обвинувањата. „Вајрлес лаб“, компанија со седиште во Санкт Петербург, тврди дека не чува трајно фотографи и дека не прибира огромни количества податоци, туку дека аплоадира само фотографии што корисниците ќе ги изберат за менување и дека ги чува само 48 часа. Компанијата наведува дека има околу 80 милиони активни корисници.
– Иако главниот тим за истражување и развој се наоѓа во Русија, податоците за корисникот не се пренесуваат во Русија – се вели во соопштението на компанијата објавено од сајтот „Тек кранч“.
Сепак, лидерот на демократите во американскиот Сенат, Чак Шумер, побара
од ФБИ да го истражат Фејсап. Во писмо објавено на Твитер, Шумер оцени дека е „длабоко вознемирувачки“ што личните податоци на граѓаните на САД би можеле да завршат во рацете на „непријателска сила“.
– Сериозно сум загрижен во врска со заштитата на податоците што се прибираат, како и за тоа дали корисниците се свесни кој може да има пристап до нив – се вели во неговото отворено писмо.
Неговите повици за истрага доаѓаат откако Демократскиот национален комитет (ДНК) ги предупреди претседателските кандидати и членовите на нивните тимови што им ја водат кампањата да не ја користат апликацијата.
– Оваа апликација им овозможува на корисниците да вршат различни трансформации на фотографии на луѓе, како што се стареење на лицето на фотографијата. За жал, оваа новина не е без ризик. Апликацијата Фејсап е развиена од Руси – предупреди Боб Лорд, безбедносен консултант на Демократскиот национален комитет и бивш директор на „Јаху“.
Во 2016 година, ДНК и демократските кампањи беа нападнати од руски хакери, наведува Си-ен-ен. Оттогаш ДНК се обиде да преземе чекори за да спречи повторување на безбедносните пробиви, инвестирајќи во сајбер-безбедноста.
– Во овој момент не е јасно за какви ризици за приватноста станува збор, но јасно е дека придобивките од избегнување на апликацијата Фејсап се многу поголеми од ризиците – нагласува, кој им препорачува на демократите да не ја користат апликацијата, а тие што веќе ја користеле, веднаш да ја избришат.
Фејсап не е нова апликација. Таа пред две години беше цел на критики поради своите „филтри за етничка припадност“, кои наводно ги менуваат лицата на луѓето од една етничка група во друга. По реакциите, филтрите беа повлечени.
Апликацијата прави разни измени на лицето со помош на вештачка интелигенција (АИ). Алгоритам ја зема избраната фотографија од лицето и ја приспособува врз основа на други фотографии, наведува Би-би-си
Но целата прашина се крена неодамна кога програмерот Џошуа Нози на Твитер објави дека Фејсап без дозвола аплоадира фотографии на корисниците од нивните паметни уреди. Сепак, француски експерт од областа на сајбер-безбедноста, кој го користи псевдонимот Елиот Олдерсон, ги испита тврдењата на Нози и не утврди дека Фејсап масовно аплоадира фотографии. Според него, апликацијата ги презема фотографиите што ги избрале корисниците.
Други експерти шпекулираат дека Фејсап може да користи податоци прибрани од фотографиите на корисниците за да ги обучи алгоритмите за препознавање на лицето. Тоа може да се направи дури и откако фотографиите ќе се избришат, бидејќи мерењата на карактеристиките на лицето можат да се извлечат и да се користат за такви цели.
Од компанијата негираат дека прават такво нешто.
– Не користиме фотографии за обука на алгоритмите за препознавање лице. Ги користиме само за уредување – изјави извршниот директор Јарослав Гончаров.
Други не се согласуваат со таквите тврдења. Тие прашуваат зошто Фејсап воопшто треба да испраќа фотографии кога апликацијата може да ги обработува локално на паметните телефони. Во случајот со Фејсап, серверот што ги складира корисничките фотографии се наоѓа во САД, а самата апликација е развиена од руска компанија со канцеларии во Санкт Петербург.
Џејн Манчун Вонг, истражувач од областа на сајбер-безбедноста, објаснува дека тоа едноставно може да му даде конкурентска предност на Фејсап бидејќи на другите ќе им биде потешко да развиваат слични апликации без да видат како функционираат алгоритмите. Стивен Мардок, на Универзитетскиот колеџ во Лондон, се согласува со таквиот став.
– Од аспект на приватноста, би било подобро да се обработуваат фотографиите на самиот паметен телефон, но тоа веројатно ќе биде побавно, ќе се користи поголема енергија од батеријата и на крајот полесно ќе може да се украде технологијата на Фејсап – вели тој.
Американската адвокатка Елизабет Вајнстин тврди дека условите на апликацијата сугерираат оти фотографиите од корисникот може да се користат за рекламни цели. Но Ленс Уланоф, главен уредник на технолошкиот сајт „Лифевајр“, посочува дека слични клаузули содржи и, на пример, Твитер.
За активистите за заштита на приватноста како Пат Волши, токму тука лежи проблемот. Тој вели дека политиката за приватност на Фејсап сугерира дека некои податоци може да се следат за потоа да се бомбардира корисникот со реклами. Според него, тоа е направено на нетранспарентен начин што не им овозможува вистински избор и контрола на корисниците.
Гончаров вели дека условите во политиката за приватност на Фејсап се општи и дека компанијата не споделува никакви податоци за рекламни цели. Според него, апликацијата заработува од претплати за премиум-функции.
– Условите на Фејсап ѝ овозможуваат на компанијата практично да прави што сака со фотографиите на корисниците, но тоа е типично за сите компании. Компаниите знаат дека речиси никој не ги чита политиките за приватност и затоа бараат пренесување на повеќе права – нагласува Мардок.
Од компанијата нагласуваат дека Фејсап ги прифаќа барањата од корисниците да се избришат нивните податоци, но дека тимот за поддршка на корисници во моментот е „преоптоварен“. Оттаму нагласуваат дека податоците на корисниците не завршуваат во Русија.