Пипалата на пандемијата различно распространети
Додека Европа се соочува со досега невидени размери на нови инфекции од коронавирусот и паралелно враќање на рестриктивните мерки, но и протести поради нив, Нов Зеланд ги укинува карантинот и строгите мерки. Имено, како што пренесуваат новинските агенции, Нов Зеланд на почетокот на декември ќе го заврши тримесечниот карантин во најголемиот град во земјата Окланд и ќе усвои нова стратегија во борбата против коронавирусот. Како што истакна премиерката Џасинда Ардерн, земјата е во подобра позиција од повеќе други земји во однос на инфекциите и нема потреба од нови затворања. Според Ардерн, државата ќе настојува во иднина да го намали делта-сојот, наместо да се залага за негова целосна елиминација.
– Тешка вистина е дека делта-сојот е тука и не е подготвен да исчезне. Иако ниедна земја не успеа целосно да го елиминира делта-сојот, Нов Зеланд е во подобра позиција од повеќето други земји да се избори со тоа – рече таа.
Во меѓувреме, Европа се соочува со целосни заклучувања поради новиот бран на ковид-19. Најсериозна е состојбата во Австрија, која е меѓу првите држави во Западна Европа што повторно воведе целосно заклучување за да се справи со новиот бран на инфекции и од февруари ќе бара целото нејзино население да се вакцинира. РСЕ информира дека Австрија претходно воведе и карантин за сите оние што беа невакцинирани, но оттогаш инфекциите продолжија да поставуваат нови рекорди. Затоа двете најтешко погодени провинции, Салцбург и Горна Австрија, најавија дека ќе воведат свои заклучувања, зголемувајќи го притисокот врз Владата да го стори истото тоа на национално ниво.
– Не успеавме да убедиме доволно луѓе да се вакцинираат – рече канцеларот Александар Шаленберг на прес-конференцијата во петокот. Откако австриската влада најави дека ќе воведе задолжителна вакцинација, сега се познати и казните за непочитување на новата обврска, пишуваат австриските медиуми. Предлог-законот, на кој работи Министерството за здравство, предвидува лицата што нема да ја почитуваат обврската за вакцинирање да бидат казнети со глоба до 3.600 евра за одбивање на првата доза и 1.450 за одбивање на третата доза од вакцината, пренесуваат медиумите во регионот.
Инаку, со доаѓањето на студеното време низ Европа, владите се принудени да размислат за повторно воведување на непопуларните заклучувања.