На 29 март ќе се означат две години откако британската премиерка Тереза Меј ја направи тешката одлука да го активира „артиклот 50“, со што се започна временски ограничената процедура со која формално стартуваше процесот на излегувањето на Британија од блокот. По овој чекор на Меј, таа се соочи со силен притисок од поборниците и поддржувачите на брегзит, дури и од членови на сопствената партија, да обезбедни точен датум за излез од Унијата и преточување на одлуката во закон.
Оттогаш, 29 март за британците има значение слично на она како за „Денот на независноста“. За многу поддржувачи на брегзит, излезот од Унијата ќе биде еден вид на награда за Кралството по долгогодишните преговори и несогласувања со Брисел за финансиите, уредувањата на правата за жителство, ирската граница и сите други точки за кои ЕУ и Британија не се согласуваат. Ова е ден, по повеќе од две и пол години по референдумот за брегзит, кога Британците конечно ќе можат повторно да ја преземат контролата, пишува „Атлантик“.
Но, само поради тоа што Британија ќе ја напушти ЕУ на 29 март, не значи дека гласањето на „артиклот 50“ ќе помине. Повеќе аналитичари на брегзит би рекле дека е малку веројатно, а можеби и целосно невозможно британската влада да го ратификува договорот за повлекување (кој не е одобрен од Парламентот) во преостанатото време. Ова е особено точно откако премиерката во неделата изјави деке прелиминарното гласање за нејзиниот договор со ЕУ ќе биде одложено за 12 март, само неколку недели пред денот на брегзит.
– Ова ја остава земјата со две подеднакво тешки опции: да побара одложување излезниот датум од Европската Унија за неколку недели, месеци или можеби години, или да го напушти блокот без било каков договор. Меј не верува дека првата опција ќе се случи, а голем дел од парламентаците инсистираа дека нема да дозволат излез од Унијата без договор – пишува „Атлантик“.
Ако 29 март симболизира некаков вид на нов „ден на независност“ за поддржувачите на брегзит, исто така преставува извор за претпазливост за оние кои се противат на напуштањето на ЕУ без договор. За нив, крајниот рок за излезот не би се одложил, а со тоа Владата би изгубила голема бројка од постоечките трговски договори со Брисел. Според „Атлантик“, овој ден би можел да означи почеток на недостатоци на храна за Британците, застои на пристаништата и многу други нарушувања на нормалниот тек на функционирање во повеќе сфери од животот и работењето во земјата. Овој датум би бил и ден кога повторно би започнале да се спроведуваат гранични проверки со Ирска, за првпат по неколку декади.
Повеќе британски пратеници се надеваат дека ќе ги избегнат проблемите ако го одложат брегзит до обезбедување на договор, теза која во четвртокот доби поголемо значење откако Меј објави дека членовите на парламентот ќе добијат шанса да поддржат ограничено оддолжување на „артикл 50“ ако го одбијат нејзиниот договор и гласаат против излегувањето од Унијата без договор. За вакво продолжување, Владата на Британија би требало да направи посебно побарување, а за спроведувањето ќе биде неопходна едногласна согласност од сите 27 членки на Европска Унија. Унијата сигнализираше дека би била подготвена да дозволи продолжување на рокот, но само поради конкретна причина, како што би била финализација на одреден договор, избори или втор референдум.
Обезбедувањето на одложувањето не би било лесно. Идејата да се пролонгира брегзит, многу поддржувачи на излезот на Британија од Унијата, кои стравуваат дека одложувањето би довело до додатни проблеми во Владата, го гледаат како проблем. Додатно, голема бројка пратеници кои го поддржуваат брегзит се заканија дека ќе протестираат против владата, доколку таа донесе одлука да се обиде да ја спроведе оваа идеја. Ваков пристап исто така е неприфатлив за премиерката Меј, која не сакаше да се согласи за никакви алтернативи освен нејзиниот договор за излез од ЕУ.
– Не би сакала да се одложи „артикл 50“. Нашата главна и единствена цел треба да биде договорот за брегзит и напуштање на Унијата на 29 март – рече премиерката Меј во Долниот дом во вторникот.
Дури и ако Обединетото Кралство успее да добие одложување на „артикл 50“, следното прашање кое се поставува е за колку време би било одлагањето, а одговорот го има само Европската Унија. Додека техничкото одложување до неколку недели би било едноставно за блокот, одложувањето на подолг период би отворило нови проблеми, особено ако се совпадне со изборите за Европскиот Парламент во мај.
Стефан Де Ринк, советникот на првиот човек на ЕУ за брегзит, Мишел Барние, инсистираше на тоа дека сите членки на ЕУ ќе бидат приморани да гласаат на изборите во мај.
– Доколку се одложи „артикл 50“, се продолжува и членството. Со тоа, продолжуваат и правата и обврските кои доаѓаат со членството, а една од овие обврски е и огранизирање на Европски избори – рече Де Ринк.