Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, со извршен декрет издаден во петокот ја ограничи продажбата на книги за деца и млади во кои се промовираат истополови врски.
Уредбата објавена во Службен весник произлегува од контроверзниот закон со кој се забрануваат содржини кои промовираат начела на ЛГБТ-заедницата.
Унгарскиот парламент, каде доминира партијата Фидес на Орбан, го одобри законот во јуни.
Опозицијата и активистите за човекови права го критикуваат законот како отворена цензура, а Европската комисија го смета за дискриминаторски и презеде правни дејствија против Унгарија.
Новата уредба посочува дека книгите за деца кои прикажуваат отстапувања од родовиот идентитет добиен со раѓање, или пак промена на полот, како и оние кои прикажуваат или популаризираат хомосексуалност, не смеат да бидат изложени во книжарниците или да бидат видливи во продавниците.
Ваквите книги, кои владата на Орбан ги смета за навредливи, не смеат да се продаваат на 200 метри од училишта и цркви, а мора да имаат и обвивки кои целосно ќе ги покриваат нивните корици.
Одлуката стапува на сила за 30 дена.
Законот, кој го ограничува ширењето на информации за хомосексуалноста и трансродовите прашања, забранува, меѓу другото, книги и други содржини што прикажуваат истополови врски како дел од секојдневниот живот за лица помлади од 18-години.