Новиот претседател на Бразил, ултрадесничарот Жаир Болсонаро положи заклетва како 38. шеф на државата.
Во својот говор во Парламентот тој вети дека ќе се бори против корупцијата и насилните злосторства.
– Ги повикувам сите конгресмени да ми помогнат да го спасам Бразил од корупција, криминал и идеолошко потчинување – рече Болсонаро.
Шеесет и три годишниот поранешен армиски капетан повика за таа цел да биде склучен „вистински пакт меѓу општеството, извршната, законодавната и судската власт“.
Тој ја повтори својата намера да го либерализира носењето на оружје, додавајќи дека неговата политика „ќе ги подготви децата за пазарот на труд, а не за политички активизам“.
Церемонијата во Парламентот беше бојкотирана од левицата.
Болсонаро дојде на власт по огромното незадоволство на народот поради политичката корупција, огромната стапка на криминал и намалената економска моќ на земјата.
Американскиот претседател Доналд Трамп го поздрави преку Твитер стапувањето на должност на Болсонаро и му честита за „прекрасниот говор“, уверувајќи го дека ќе ја има поддршката од САД.