Две новинарки на француската држaвна телевизија Франс 2 синоќа беа нападнати од група учесници на протестот на „жолтите елеци“ на пункт за наплата на патарина кај местото Булу во јужна Франција, во близина на границата со Шпанија.
Новинарките известувале од протестот, кога полицијата употребила солзавец за да ги растера демонстрантите, при што неколкумна од нив го опколиле репортерките и почнале да ги удираат, обвинувајќи ги дека се „продале“ и дека „манипулираат со фактите“.
Ова не е прв случај на напад на „жолтите елеци“ во Франција врз новинари. Петмина новинари од неколку приватни телевизии кон крајот на минатиот месец до полицијата во градот Тулуз поднесоа пријави за насилство и закани кон нив.
Францускиот претседател Емануел Макрон синоќа најави дека Владата ќе преземе сторги мерки против лицата кои вршат насилство за време на протестите на „жолтите елеци“.
– Внимателнио следев што се случуваше во земјата во текот на денот и за се бев информиран од министерот за внатрешни работи. Очигледно е дека француското правосудство ќе мора да преземе строги мерки против прекршителите на законот, изјави Макрон.
Тој порача дека на Франција сега и се потребни „ред и консензус“ за да се надминат несогласувањата.
Инаку, вчерашните протести на „жолтите елеци“ во Франција минаа со значително помала масовност во споредба со собирите од минатата сабота.
За време на вчерашните протести на територијата на цела Франција биле уапсени 220 лица, од кои на 81 им е одредена мерка притвор.
За одржување на редот на протестите на „жолтите елеци“, што се одржаа шеста сабота по ред, француската полиција ангажираше околу 4.000 полицајци, од кои над 1.200 само во Париз.
Билансот на жртви на повеќенеделните протестите се искачи 10, откако вчера утрото почина возач што во петокот вечерта удри во камион поставен на обиколница блокирана од „жолтите елеци“ во близина на Перпиња.